Билјана Настеска порасна со 3 сестри: „И денес им земам облека, нашите деца се блиски како што бевме ние“
- Детали
- недела, 23 февруари 2025
„Најстарата сестра мораше да е дома до 12, но кога јас почнав да излегувам родителите не ми бранеа нешто многу - ако „заглавев“ некаде и ги потрошев парите за такси, им се јавував на сестрите, а коњаницата доаѓаше на помош“ - вели за CRNOBELO.com Билјана Настеска - Каланоска, која порасна со три постари сестри, со кои е и денес многу блиска.
Билјана Настеска - Каланоска (41), работи како офицер за комуникации во Здружение на новинари на Македонија.
Поранешната новинарка и радиоводителка, која многумина ја препознаваат по гласот кога беше дел од тимот на најслушаната радио емисија „Петар за појадок и пауза“, е растена со уште три сестри.
Билјана е најмалата од четирите девојки Настески. Најстара е Слаѓана која е 10 години повозрасна од неа, Соња е втора и има 6 години повеќе од Билјана, а трета е родена Даниела, чија разлика со најмалата сестра се 4 години.
Не многу луѓе имаат можност да растат во вака големо семејство, во дом секогаш исполнет со смеа и џагор.
Своите сеќавања за убавите детски денови, но и за денешниот однос со сестрите, Билјана ги раскажа за CRNOBELO.com:
Како беше да се расте со три сестри?
Како и во секое друго семејство. За мене не постои друга реалност, никогаш не би сакала да биде поинаку. Чувство на константна љубов, поддршка, грижа и заштита една спрема друга.
Разликата е сигурно во тоа што кај нас секогаш било гласно, а доаѓам од фамилија (зборувам за пошироката фамилија) каде сите се гласни, така што, кога гледам наназад, се сеќавам најмногу на убавите работи и не сакам да дозволам да се фрли сенка од кој било друг настан врз историјата на моето семејство.
Кога растете во голема фамилија како мојата, учите да се грижите за себе, но и за сите други.
Пред да станам мајка не размислував колку е тешко да се биде родител на четири деца, но од денешна перспектива, мојата мајка била херој кога успеала да роди четири деца, а заедно со татко ми да успеат да нè донесат на вистинскиот пат.
Дали било лесно? Апсолутно не, но успеале. Благодарение на нивната борба ние четири денес сме реализирани жени кои сè уште сакаат многу да направат во животот. Ништо не е невозможно.
Колку бевте блиски како деца? Со која сестра беше најблиска (или тие меѓу себе)?
Блиски бевме додека растевме, a и сè уште сме. Тогаш блискоста значеше разговори од неколку часа за сè и сешто, викање, карање, неразговарање па смирување, па пак смеење, шетање....
Денес тоа генерално значи „спамирање“ во безброј заеднички групи по сите социјални мрежи, со праќање пораки од типот: дали се добри штикливе и фустанов, линкови од Википедија каде што Атина Бојаџи е напишана како Бугарка, па заеднички едитираме да се смени неправдата, до мислења како да се постапи во сериозни ситуации, која работа да се прифати, тешење, доза расправии, повторно смеење, озборување, рилови на Инстаграм и еден тон слики од нашите деца.
Блискоста значи и често гледање, барем за нас три кои сме во Македонија, зашто Даниела живее во Англија.
Но, кога таа ќе си дојде дома, некако сите ние го доживуваме тоа како празник, па се зема по некој ден од работа, се гледаме буквално секој ден кај секоја од нас по дома или кај мајка ми, ручеци, викенди и слично.
Кога растевте која од четирите беше најголема бељаџика, која најмногу ве издаваше кај родителите, која правеше сè за „мир во куќа“ па им попушташе на другите?
Најбунтовни бевме Соња и јас, најмирни беа Слаѓана и Даниела кои и денес важат за миротворците кај нас.
Не се издававме една со друга, нешто на кое со сопругот Игор се обидуваме да ги научиме ќерките Калина и Софија, а кои цело време се издаваат една со друга. Но, тоа веројатно се учи со годините.
Дали понекогаш ги лажевте родителите за да се заштитите една со друга?
Лажење е тежок збор, би рекла - умешно одбегнување на вистината. За волја на вистината, и не правевме некои големи бељи.
Кога растев јас, моите родители беа построги со најстарата сестра која мораше да биде дома до 12 од „искачање“, а кога јас стигнав на ред да излегувам не ми бранеа нешто многу.
Мислам дека беа сигурни затоа што моите сестри беа тука.
Тоа значи дека ако „заглавев“ некаде и ги потрошев парите за такси, им се јавував, па коњаницата за помош доаѓаше.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





