„Беше преплашен“: Потресна изјава на тетката на момчето (19) кое загина во подморницата + дали некој ќе одговара за трагедијата?
- Детали
- петок, 23 јуни 2023
„Не беше многу расположен за патувањето, но чувствуваше потреба да го задоволи татко му, кој беше многу заинтересиран за потонатиот брод“, открива тетката на 19-годишното момче кое заедно со татко му загина во подморницата „Титан“. Во меѓувреме, многу правници истакнуваат дека компанијата ќе се соочи со тужби, а можно е и некој да заврши во затвор.
Вчера (22.06) петте лица кои беа во подморницата Титан беа прогласени за мртви. Според информациите, подморницата била уништена од имплозија, а остатоци од неа беа најдени на околу 500 метри од потонатиот Титаник.
Во подморницата беше извршниот директор на компанијата што ги организира посетите до Титаник – Стоктон Раш. Со него беа нуркачот Пол Анри Наржоле, британскиот милијардер Хамиш Хардинг, како и пакистанскиот милијардер Шахзада Давуд со неговиот 19-годишен син Сулејман.
Сулејман (лево) и татко му Шахзада (десно)
Сега, во потресна изјава, тетката на младото момче (Азмех Давуд) открива дека тој бил преплашен од „екскурзијата“ до Титаник и отишол само поради татко му.
„Не беше многу расположен за патувањето, но чувствуваше потреба да го задоволи татко му, кој беше многу заинтересиран за потонатиот брод“, открива Азмех за NBC News.
Азмех Давуд
Пред патниците да бидат прогласени за мртви, Азмех вели дека постојано мислела со што се соочува нејзиниот внук заробен во подморницата.
„Мислам на Сулејман, кој има 19 години, како е внатре, веројатно борејќи се за здив… Чувството е парализирачко да бидам искрена“.
Сулејман со мајка му
Азмех, која е сестра на милијардерот Шахзада, истакнува дека до последно се надевала на чудо.
„Се чувствувам како да сум во многу лош филм. Има одбројување, но не знаеш што ќе се случи на крајот од одбројувањето. Ми беше тешко да дишам додека мислев на нив. Досега сум немала вакво искуство“.
Азмех вели и дека уште пред внукот и брат ѝ да влезат во подморницата, таа била скептична.
„Не би влегла внатре, дури и ако ми дадете милион долари“.
Жената, која има мултипла склероза и е во инвалидска количка, вели дека изминативе неколку години изгубила контакт со брат ѝ. Таа живеела во Англија, па се преселила во Амстердам бидејќи морала да користи медицински канабис за болеста.
Нејзиното семејство, вклучувајќи го и брат ѝ Шахзада, не го одобрувале ова. Но, Азмех истанува дека ги заборавила сите проблеми помеѓу нив штом дознала за трагедијата.
„Тој беше моето мало братче. Го држев во раце веднаш откако се роди“.
Шахзада со сопругата
Азмех чувствувала посебна поврзаност со внукот Сулејман, а го опишува како многу добро момче со прекрасно срце.
Во истата изјава, Азмех вели дека брат ѝ бил опседнат со Титаник уште од најрана возраст.
Кога бил дете, постојано го гледал филмот A Night to Remember, кој е инспириран од потонувањето на бродот.
Исто така, тој честопати посетувал музеи во кои имало експонати од бродот. Поради ова, не била воопшто изненадена што тој платил половина милион долари за да го види бродот во живо со син му.
Во меѓувреме, многу правни експерти сметаат дека компаниајта OceanGate која го организираше патувањето до Титаник најверојатно ќе се соочи со тужби, и тоа не само од семејствата на жртвите.
Бидејќи се верува дека причината за трагедијата се пропусти во протоколите за безбедност, сосема возможно е и некој да заврши во затвор.
Тоа што туристите потпишале изјава дека се свесни за ризикот од патувањето со подморницата, не значи дека компанијата би се ослободила од тужби.
„Ако компанијата прави грешки, повеќето судови нема да дозволат да помине неказнето“, вели Нора Фримен, професор по право на Универзитетот Стенфорд.
Прочитајте и: Случајот кој го следи цел свет: Сите детали за исчезнатата подморница со милијардери туристи, што потона во близина на „Титаник“
Спирова С. | Црнобело