Режисерот на „Титаник“, Џејмс Камерон: „Уште во понеделникот дознав за имплозијата на подморницата, потрагата беше бесцелна“
- Детали
- петок, 23 јуни 2023
„Уште во понеделникот добив информации дека подморницата имплодирала, на семејствата залудно им даваа лажна надеж“ – откри холивудскиот режисер Џејмс Камерон кој во 1997-ма година го режираше филмот „Титаник“ и досега се спуштил со мини подморница до потонатиот брод над 30 пати. Погледнете како најверојатно изгледал моментот на имплозија...
Откако беше потврдено дека сите петмина присутни во малата подморница „Титан“ се починати и дека на дното на Северноатлантскиот Океан се најдени остатоци што укажуваат на тоа дека таа имплодирала од преголемиот притисок во морските длабочини, во јавноста се огласи и режисерот Џејмс Камерон.
Познато е дека Камерон досега повеќе од 30 пати со подморница се спуштил до потонатиот брод „Титаник“ и ги истражува морските длабочини, а вели дека следниот ден по исчезнувањето на малата подморница „Титан“ веќе знаел дека потрагата по преживеани е бесцелна.
Во изјава за светските медиуми Џејмс Камерон откри дека уште во понеделникот по сопствени канали добил информации дека во Северноатланскиот Океан е регистриран звук што најверојатно е предизвикан од имплозија.
„Следев информации што најверојатно потекнуваа од воени извори или од истражувања – затоа што има хидрофони по целиот Северноатлантски Океан и добив потврда дека била регистриран силен звук што најверојатно потекнува од имплозија“ – рече тој за CNN.
Тој вели дека воопшто не бил изненаден од трагедијата, затоа што сметал дека тоа што OceanGate користел јаглеродни влакна за изградба на подморницата била лоша одлука и материјалот не може да го издржи силниот подводен притисок.
„Јас бев на брод кога ова се случи во неделата.
Првпат слушнав за исчезнувањето утрото во понеделникот и веднаш стапив во контакт со моите контакти – бидејќи луѓето што редовно пловат во длабоките води се многу малку и добив информации дека патниците во „Титан“ истовремено загубиле комуникација и им се изгубила трагата.
Единственото сценарио на кое што можев да помислам беше дека се случила имплозија“ – вели тој.