Дете (8) од Африка ја поминало Сахара пеш за да стигне до Европа, откако селото му било уништено во напад
- Детали
- петок, 22 март 2024
8-годишниот Оумар од Африка поминал над 5.600 километри за да стигне од Мали до Европа, по терористички напад во неговото село. По пат, двапати бил заробен во Либија, но успеал да побегне и сега е на безбедно, во Италија.
8-годишно дете од Африка поминало повеќе од 5.600 километри патувајќи од државата Мали до Италија, откако неговото село било уништено во терористички напад, пренесува Daily Mail.
Во хаосот кој настанал по нападот, детето било одвоено од своите родители, и наместо да се врати во селото, од страв решило да продолжи низ пустината.
Детенцето, кое се вика Оумар, успеало да избега од нападот кој се случил пред четири месеци и одело пеш низ Сахара, од Мали до Либија.
По пат сретнувал разни групи со патници кои му помагале, но кога стигнал во Либија, бил фатен од локална банда.
Триполи, главниот град на Либија
Тој поминал краток период во заробеништво, каде што бил присилен да работи.
Но, малиот Оумар не се откажувал, па избегал и почнал да бара начин да го помине Средоземното Море за да стигне до Европа.
За жал, голготата на детето не завршила овде – на пристаништето било приведено и затворено во озлогласениот затвор Ain Zаra во Триполи, главниот град на Либија.
Оумар избегал од затворот со помош од двајца мажи кои го скриле во корпа за отпадоци.
Бегалци пристигнуваат во Грција
Оттаму, тој успеал да се качи на брод и интересно е што сретнал уште едно, постаро момче, кое исто така се викало Оумар.
Двете деца се грижеле едно за друго кога се качиле на брод за бегалци со уште 23 други деца и над 60 возрасни.
Ваквите патувања со брод се мошне опасни и огромен број бегалци неретко загинуваат пред да стигнат до другиот брег.
Но, Оумар и неговиот пријател имале среќа – биле забележани од спасувачки брод и биле однесени во Италија.
Патот што го поминал Оумар
Приказната на детенцето ја сподели италијанска новинарка која била на бродот за спасување:
„Тој е неверојатно дете. Кога ми ја раскажа неговата приказна, го дадов најдоброто од себе да ги проверам сите детали.
Секој преживеан на бегалскиот брод ми кажа ’Точно е, тој е потполно сам‘“, открива новинарката за The Telegraph.
Оумар на спасувачкиот брод
Кога новинарката го пронашла Оумар, тој бил дехидриран, гладен и имал хипотермија.
Во Италија, детенцето било однесено во засолниште за бегалци, каде што се сретнал со медијатор од Мали.
Кога детенцето кажало дека неговите родители уште се во Мали, прашало и дали може да му се јави на татко му, бидејќи го помнело бројот.
Според медијаторот, штом Оумар му кажал на татко му дека е на безбедно во Европа, го прашал:
„Сега може ли да одам на училиште, тато?“
Оумар во засолништето во Италија
Кога пристигнал во засолништето, Оумар имал и скршена коска на стапалото, па му била пружена соодветната медицинска нега.
Медијаторот откри и дека сега центарот за бегалци планира да го запише во локално училиште, а додава и дека Оумар е „многу интелигентно и многу храбро момче“.
Спирова С. | Црнобело