Нов златен медал за Македонија: Параолимпијката Оливера Наковска Бикова е светски првак во стрелаштво
- Детали
- вторник, 15 ноември 2022
Параолимпијката Оливера Наковска Бикова ѝ донесе нов златен медал на Македонија во стрелаштво. Битолчанката која во 2012-та година освои злато на Параолимпијадата во Лондон, сега 10 години подоцна, се враќа како светски шампион од Светското првенство во Обединетите Арапски Емирати.
Оливера Наковска Бикова го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин и ја освои титулата „светски шампион“ во дисциплината П4-Пиштол слободен избор.
Таа на натпреварот беше заедно со нејзиниот тренер Бранимир Јовановски и асистентот Драган Дојчиноски, а вестите за нејзиниот успех беа соопштени од страна на Параолимпискиот комитет на Македонија.
„Во квалификациите Оливера испука одличен резултат од 538 (најдобар во нејзината кариера) со што го освои второто место и си обезбеди пласман во финале, иако почетокот на мечот не го навестуваше тоа.
После неколку правовремени совети од тренерот (во првата и втората серија особено), а пред се заради нејзината подготвеност и одлучност да се фати во борба со останатите за што подобар пласман и личен перформанс, Оливера во продолжение на натпреварот значително ги подобри своите перформанси и со изедначениот личен рекорд во оваа дисциплина, сигурно зачекори во финалето“ – се вели во соопштение од Македонскиот Параолимписки комитет.
Инаку, Оливера досега ја претставуваше Македонија на Параолимпијадата во Атина во 2004-та година, каде го освои 6-тото место, а по освојувањето нa бронзениот медал на Светското првенство во стрелаштво за спортисти со инвалидност во Загреб (2010), таа обезбеди настап и на Параолимписките игри во Лондон во 2012-та година, од каде се врати со златен медал.
Повеќе фотографии од Оливера во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: Facebook