Италијанскиот пливач, кој освои злато, спие во парк: „Подобро таму, отколку без клима и на картонски кревет“
- Детали
- вторник, 06 август 2024
Хит видео и фотки од олимпиецот кој освои злато, а спие на трева во парк во Париз. И тој се пожали на лошите услови во Олимпиското село – топло е, креветите се картонски, постојано е бучно, а храната е ужасна.
Голем број од спортистите на Олимпијадата во Париз се жалат на условите што им се обезбедени во Олимпиското село, а италијанскиот пливач Томасо Чеконе, одлучил да побегне од сѐ, па одморот да го побара под отворено небо.
На социјалните мрежи вирално се прошири видео снимката објавена на Инстаграм профилот на саудискиот натпреварувач Хусеин Алиреза, на која се гледа како италијанскиот пливач кој освои златен медал на 100 метри грбно пливање, спие под отворено небо.
„Наспиј се денес, утре освојувај“ – напиша тој на шега на видеото.
Чекон важи за еден од најзгодните спортисти на годинешната Олимпијада, па неговата фотка на која гол позира со златниот медал брзо стана хит меѓу припадничките на понежниот пол, но фотката на која спие на бел пешкир под дрво во Париз, се прошири уште побрзо.
„Подобро таму, отколку без клима и на картонски кревет“ – стои во голем број од коментарите на социјалните мрежи, но и во светските таблоиди.
https://twitter.com/pondgitsun3/status/1819994587953254550
Згодниот Италијанец јавно се пожали на условите во Олимпиското село, минатата недела откако не успеа да влезе во финалето на 200 метри грбно пливање.
„Немаме клима уреди во селото, постојано е топло, а храната е ужасна.
Голем број спортисти си заминуваат од овие причини, тоа не им е алиби или изговор, тоа е реалноста, за која многумина не знаат.
Разочаран сум што не стигнав до финалето, но бев премногу уморен.
Навистина е тешко да се спие навечер или попладне. Овде навистина водам војна со топлото време и со бучавата“ – изјавил тој за странските медиуми.
Инаку, освен на недостатокот од климатизација, спортистите се жалат и на картонските кревети на кои треба да спијат, а Енди Енсон, претседателот на Британската олимписка асоцијација се пожали и на храната:
„Нема доволно залихи на одредена храна, како јајца, пилешко и одредени јаглехидрати. Квалитетот на храната е ужасен, на спортистите им сервираат живо месо“ – вели тој.
Инаку, неколку тимови одлучија за време на натпреварувањата да престојуваат на друго место, наместо во олимпиското село, па таков е случајот со грчкиот и српскиот кошаркарски тим.
Б. С. Б. | Црнобело