Надал емотивно објави дека ќе се пензионира: „Им благодарам на моите ривали, ќе ги памтам засекогаш“
- Детали
- четврток, 10 октомври 2024
„Тука сум да ви кажам дека ќе се пензионирам од професионалниот тенис. Им благодарам на моите најголеми ривали. На мојата мајка, која го даде најдоброто од себе за да имаме сè. На мојата сопруга, која ми беше одличен сопатник низ годините. И на вас, фановите, кои ми ја дававте потребната енергија во секој момент“ - изјави Надал во емотивно видео.
Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Рафаел Надал, најави дека неговата тениска кариера ќе заврши на крајот на сезоната 2024.
Шпанскиот тенисер ќе го изигра својот последен турнир на домашен терен, на Дејвис купот што ќе се одржи во Малага од 19 до 24 ноември.
На својот Инстаграм профил, тој објави емотивно видео, во кое се обраќа до јавноста, а во позадина се појавуваат сцени од најдобрите моменти од неговата 23-годишна кариера.
Во описот на видеото на Инстаграм, тој напиша „Ви благодарам на сите“, на 13 светски јазици, меѓу кои и српски, во чест на еден од неговите најголеми ривали, Новак Ѓоковиќ.
Во продолжение прочитајте дел од изјавата која ја дава во видеото со кое го најави пензионирањето:
„Здраво на сите, тука сум да ви кажам дека ќе се пензионирам од професионалниот тенис.
Реалноста е дека имаше тешки години, последниве 2 посебно. Сметам дека не сум способен да играм без ограничувања. Ова е очигледно тешка одлука, за која ми требаше долго време да ја донесам.
Но, во овој живот, сè има почеток и крај и мислам дека е соодветен момент да ставам крај на кариерата која беше долга и многу поуспешна отколку што можев некогаш да замислам.
Многу сум возбуден што последниот турнир ќе биде финалето на Дејвис купот и ќе ја претставувам мојата држава. Мислам дека е добар погодок, со оглед на тоа што една од првите радости како професионален тенисер, ми беше финалето на Дејвис купот во Севиља во 2004 година.
Чувствувам дека сум многу среќен за сите работи што имав можност да ги доживеам.
Сакам да се заблагодарам на целата тениска индустрија, на сите луѓе вклучени во овој спорт:
На моите долгогодишни колеги, посебно моите најголеми ривали. Имам поминато многу, многу часови со нив, и доживеав многу моменти кои ќе ги паметам цел живот.
Да зборувам за мојот тим ми е малку потешко, бидејќи на крајот на денот, мојот тим беше многу важен дел од мојот живот. Тоа не се само соработници, туку и пријатели кои беа на моја страна во сите моменти кога ми беа потребни, во добрите моменти, лошите, или кога ми требаше да ме турнат.
А, семејството ми е сè.
Мајка ми, која мислам дека жртвуваше сè што требаше за да имаме сè секогаш.
Мојата сопруга Мери со која сме 19 години заедно - ти благодарам за сè што направи, ми беше добар сопатник низ сите овие години. Да се вратам дома и да видам како ми расте синот, беше сила која ме одржуваше жив и ми даваше енергија да продолжам.
Сестра ми, со која секогаш сме имале неверојатна врска.
Вујко ми, заради кој почнав да играм тенис.
Татко ми, кој верувам дека ми беше извор на инспирација и беше пример за мене и му благодарам на специјален начин.
И на крај, ви благодарам на вас фановите. Мислам дека нема начин да се заблагодарам за тоа како правевте да се чувствувам. Ми ја дававте енергијата која ми беше потребна во секој момент.
Реално, сè што доживеав беше остварувања на сонот. Си заминувам целосно помирен со тоа дека сум го дал најдоброто од себе“.
Кликнете на видеото за да го погледнете:
М. М. | Црнобело