На 16 години стана најмлад голгетер на Европско, си носи книги на првенството за да учи: Кој е Ламин Јамал?
- Детали
- сабота, 13 јули 2024
Ламин Јамал денес полни 17 години (роден е на 13 јули), а утревечер (14.07) со шпанската репрезентација ќе игра во финалето на Европското првенство 2024 и првпат во својата кариера ќе се бори за шампионската титула. Што знаеме за најмладиот голгетер во историјата на ЕП?
Фудбалските фанови го нарекуваа шпанска сензација кога на 15 години почна да игра за FC Barcelona.
Но, од пред неколку дена неговото име го знае цела фудбалска Европа - Ламин Јамал, момчето кое постигна гол на 16 години на Европското првенство и стана најмладиот фудбалер во историјата на кого му успеало тоа.
Ламин отсекогаш бил фудбалски фан, а талент за овој спорт покажувал уште од најраното детство.
Својот фудбалски пат го почна во школата на FC Barcelona, за на 15 години да потпише и за првиот тим на шпанскиот гигант.
Јамал, кој денес полни 17 години (роден е на 13 јули 2007 година), е име кое го знаат не само европските, туку и светските фудбалски фанови.
Утревечер (14.07) со шпанската репрезентација тој ќе игра во финалето на Еуро 2024 и првпат во својата кариера ќе се бори за шампионската титула.
Што знаеме за Ламин Јамал?
Роден е во Барселона, но има мешано потекло.
Татко му Муние е од Мароко, а мајка му Шејла е родена во племето Фанг, во Гвинеја.
Имал само 6 месеци кога се појавил во фотосесија за хуманитарен календар на УНИЦЕФ.
На фотографиите тој е во рацете на, тогаш 20-годишниот, Лео Меси.
Фудбалскиот пат го започнал во CF La Torreta, а потоа, на 7 години почнал да игра фудбал во школата на FC Barcelona.
Ламин е средношколец, но бидејќи не може да оди редовно на часови поради обврските со клубот, тој зема приватни часови за да го заврши своето образование.
Тој, наводно, на Еуро 2024, со себе понел и книги да учи, бидејќи мора да полага штом ќе се врати дома.
Првиот натпревар за FC Barcelona го играше на 15 години, 9 месеци и 16 дена, со што стана најмладиот фудбалер кој настапил за првиот тим на шпанскиот гигант.
Првиот гол за тимот го постигна во октомври 2023, па испиша уште еден рекорд - стана најмладиот голгетер во историјата на Barca и La Liga.
Јамал има ретка способност - да биде напаѓач, да игра на десно крило или да биде централен играч за врска, квалитет кој го нема скоро ниеден друг фудбалер.
Ламин играше за младинската репрезентација на Шпанија, на ЕURО U17.
На првенството што се одржа лани, тој постигна 4 гола.
Има договор со FC Barcelona до 2026 година.
Во договорот стои клаузула според која, клубот што ќе сака да го откупи Јамал, ќе мора да плати 1 милијарда евра отштета на каталонскиот клуб.
А. Ј. | Црнобело