Вирална фотка од 2007-ма: Меси го држи во раце Ламин Јамал, најмладиот фудбалер кој постигнал гол на ЕП
- Детали
- среда, 10 јули 2024
Кога Џоан Монфорт пред 17 години го фотографирал Лео Меси со бебе во рацете, не можел ни да претпостави дека тоа бебе ќе испише историјата, откако стана најмладиот фудбалер што на 16 години вчера постигна гол на Европско првенство - Ламин Јамал.
Светските медиуми денес објавуваат фотографии од 2007 година, на кои Лео Меси држи во рацете 6-месечно бебе.
На фотките Меси има само 20 години, а бебето е шпанскиот фудбалер Ламин Јамал, кој синоќа (09.07) постигна гол на Европското првенство и стана најмладиот голгетер на Европските и Светските првенства и го сруши рекордот кој го држеше Пеле.
Фотографиите ги направил Џоан Монфорт, фриленс фотограф, кој бил ангажиран за фотосесијата, а се дел од хуманитарен календар на УНИЦЕФ.
Идејата била фудбалерите на Barcelona да се фотографираат со семејства и нивните деца, а Меси случајно бил „споен“ со семејството Јамал.
Во тоа време, тој не можел ни да претпостави дека Меси ќе стане еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња.
Уште помалку дека 6-месечниот Јамал еден ден ќе реши да игра фудбал, а уште помалку дека со својот гол ќе се запише во историјата на овој спорт, надминувајќи го легендарниот Пеле.
Фотографиите од Јамал станаа вирални, a беа споделени со коментар: „Раѓањето на две легенди“.
А. Ј. | Црнобело