Зошто Мајк Тајсон по 20 години се врати во рингот и колку пари заработи од мечот со Џејк Пол?
- Детали
- понеделник, 18 ноември 2024
„За малку ќе умрев, добив 8 трансфузии, но сепак ги издржав 8-те рунди“ – рече Мајк Тајсон по завршениот меч со Џејк Пол. Зошто бокс мечот меѓу нив двајца беше топ тема викендов и за кои пари 58-годишната боксерска легенда се врати во рингот по 20 години?
Речиси и да не постои човек на планетата што не слушнал за Мајк Тајсон, најпознатиот боксер во тешка категорија во светот, кој речиси две децении беше во пензија, сè до изминатиот викенд (16.05) кога пак се врати во рингот за да се соочи со 27-годишниот Џејк Пол.
Мечот претставуваше вистинска сензација, па дури и оние што не ги следат религиозно бокс мечевите, вечерта во саботата кон неделата, ја поминаа следејќи го мечот помеѓу 58-годишната легенда на боксот и неговиот млад противник.
Според податоците на Нетфликс, мечот го следеле над 65 милиони гледачи и викендов беше топ тема на социјалните мрежи.
Мајк и Џејк ги издржаа осумте рунди од мечот, иако според познавачите на боксот, легендата е далеку од тоа да биде во форма, па сосема е нормално што загуби од 31 година помладиот противник.
Дури и неговиот противник, Џејк Пол, по мечот изјави дека самиот одлучил да ја продолжи борбата затоа што сакал да им даде можност на гледачите подолго да уживаат во мечот.
„Сакав на гледачите да им дадам можност да уживаат во шоу, но не сакав да повредам некого непотребно“ – рече тој.
Мајк Тајсон, пак, е среќен што успеал да го заврши мечот:
„Ова е една од оние ситуации во кои сте загубиле, но пак сте победник.
Навистина сум благодарен за минатата ноќ и не жалам што бев во рингот овојпат.
За малку ќе починев во јуни. Имав 8 трансфузии на крв.
Ја загубив половина крв и 11kg додека бев во болница и морав да се борам да оздравам за да можам да се борам.
Да ме гледаат децата како издржав 8 рунди со талентиран боксер, кој е за половина години помлад од мене, пред преполна сала, е искуство што воопшто не го заслужувам.
Ви благодарам“ – порача ветеранот, но не кажа дали планира повторно да се врати во пензија.
Мечот долго време беше промовиран, па Џејк Пол во една од најавите рече дека долго време му се восхитувал на противникот, сè додека не го запознал.
При првата средба, Мајк му го згрешил името и му се обратил со името на братот на Џејк, Логан.
„Мајк Тајсон ми беше идол сè додека не го запознав пред 4 години…
Ме нарече Логан. Ќе се осигурам дека тој ќе знае кој сум одблиску и лично“ – порача Пол Логан уште во март годинава.
По ова и двајцата боксери се впуштија во масовна промоција на мечот, кој со нетрпение беше очекуван од гледачите од целиот свет.
Но, имаше и такви што сметаа дека мечот треба да биде забранет, затоа што може да биде опасен за Мајк, кој веќе е длабоко навлезен во шестата деценија од животот и речиси 20 години не влегол во рингот.
Мечот првично беше закажан за јули, но мораа да го одложат, затоа што Мајк Тајсон имаше здравствени проблеми заради чирот на желудникот.
„Ова беше моментот кога организаторите на мечот требаше да сфатат дека ова е навистина лоша идеја.
Доволно е само да поразговарате со Мајк и да го погледнете за да знаете дека тој не треба пак да се враќа во рингот…
Да бев Џејк Пол, ќе се чувствував засрамено, мора да признаам. Ова е опасно, неодговорно и безобѕирно кон самиот спорт“ – изјави Еди Херн, еден од водечките промотори на боксот за светските медиуми.
Оттука, многумина го поставуваат прашањето: Зошто Мајк Тајсон би прифатил воопшто да се врати во рингот по 20 години пауза?
Мечот, беше во целост организиран од компанијата што го промовира Џејк Пол (кој од јутјубер стана боксер) и Нетфликс, а целта на компаниите е да го привлече вниманието на богатите млади гледачи и компаниите што рекламираат производи за нив.
Младиот противник на Тајсон во една пригода недвосмислено ги кажа своите цели за натпреварот, па рече:
„Јас сум овде за да заработам 40 милиони долари и да нокаутирам легенда!“
Според првичните проценки, Тајсон требало од мечот да заработи 20 милиони долари, што е речиси двојно повеќе од богатството што тој во моментов го поседува (10 милиони долари).
Во рамки на подготовките, Пол објави видео во кое му порача на Мајк дека ќе му плати уште 5 милиони долари ако ги издржи првите 4 рунди, а ако не успее да си направи тетоважа со натписот:
„Го сакам Џејк Пол“.
Тајсон одговори во интервју дека ќе го направи тоа само ако добие уште 20 милиони долари.
Подоцна појасни дека овој меч нема да му го промени животот финансиски, но се труди да си ја врати славата, откако помина време во затвор, се обиде да се врати во рингот, но му ги одгриза ушите на Евандер Холифилд, па се соочи и со банкрот.
Денес Тајсон е посветен татко и сопруг, но и бизнисмен, кој очигледно е подготвен и животот да си го ризикува за да си ја врати некогашната слава.
Во негов манир, Тајсон дури и му влепи шлаканица на Џејк дента кога се мереа пред натпреварот, наводно затоа што веќе му било преку глава од провокациите што ги трпел со месеци.
Прочитајте и Тестовите за допинг ги поминувал со лажен пенис, првата сопруга го изневерила со Бред Пит – Факти за Мајк Тајсон
Б. С. Б. | Црнобело