Како ќе изгледа Мбапе до крајот на Европско? – Фудбалерот се шегува на своја сметка, откако се повреди
- Детали
- вторник, 18 јуни 2024
„Имате идеја за маски?“ – се пошегува Килијан Мбапе откако имаше повреда на носот на мечот против Австрија. Неговите обожаватели веднаш покажаа колку се креативни. Погледнете какви идеи доби.
Фудбалерот на Франција, Килијан Мбапе имаше незгода на синоќешниот натпревар кога доби скршен нос на мечот против Австрија и итно беше пренесен во болница.
Инцидентот се случи во второто полувреме од натпреварот, кога Мбапе се судри со играч од одбраната на Австрија, а според известувањата во француските медиуми, по направените испитувања било утврдено дека не треба да му се направи итна операција.
Засега не е познато дали Мбапе ќе игра на мечот против Холандија в петок (22.06), но од францускиот табор соопштија дека ќе се најде начин тој да го продолжи учеството на Европско.
„Ќе биде направена маска со цел Мбапе да може да продолжи со натпреварите додека трае периодот на закрепнување“ – соопштуваат од францускиот тим.
Според поранешниот доктор на тимот, Едуард Липка, учеството на Мбапе е неизвесно во следните два натпревари затоа што скршеницата предизвикува болка, но и отекување заради кое дишењето е отежнато.
Додека многумина зборуваат за тежината на неговата повреда, самиот Мбапе, пак, одлучи да ја разведри атмосферата и се пошегува на Твитер, па побара неговите обожаватели да му дадат идеи за маска.
„Кои се вашите идеи за маска?“ – напиша тој на Твитер.
Des idées de masques 🎭😅 ?
— Kylian Mbappé (@KMbappe) June 17, 2024
Набрзо потоа доби голем број фотографии и идеи, а се чини дека сите се сложни дека тој треба да носи маска на нинџа желка и да биде преправен во Микеланџело.
Други, пак, побараа совет од вештачка интелигенција каква маска тој би требало да носи.
Исто така, се споменува и маската што ја носеше Виктор Ошимен заради повредата на главата.
За потсетување, пред две години публиката веќе имаше можност да види како изгледа заштитната маска што фудбалерите ја носат по повреда на носот.
Хрватскиот играч Јошко Гвардиол, на Светското првенство во Катар, играше со маска заради претходна повреда на носот.
Во тој стил, некои твитерџии веќе му ја нацртаа маската на Мбапе и покажаа како тој ќе изгледа до крајот на Европско.
Б. С. Б. | Црнобело