Индира Кастратовиќ влезе во „Куќата на славните“ - Блеска од среќа покрај сопругот, Кире Лазаров најголема поддршка
- Детали
- понеделник, 16 декември 2024
Браво! Името на нашата ракометна легенда Индира Кастратовиќ, е запишано во „Куќата на славните ракометари“, а таа признанието го доби на свечена церемонија во Виена.
Нашата најдобра ракометарка, Индира Кастратовиќ, го доби најпрестижното признание за својата долга и успешна кариера - таа влезе во „Куќата на славните“ на Европската ракометна федерација.
Индира признанието го доби изминатиот викенд, заедно со уште 19 истакнати ракометари, на церемонија што се одржа во Виена, Австрија.
Нејзина најголема поддршка на церемонијата беше уште една наша ракометна легенда, селекторот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, кој ова признание го доби лани, како и сопругот Зоран Кастратовиќ, кој и самиот е поранешен ракометар.
За свеченоста Индира избра црн костум со панталони, кој ѝ прилега одлично, а на фотките што ги објави на својот Инстаграм, блеска од среќа.
А меѓу бројните честитки што ги доби од пријателите, беа и оние од Перо Антиќ и Џина Папас Џокси.
Откако неодамна беше најавено дека Кастратовиќ ќе влезе во „Куќата на славните“, ракометарките на ЖРК Вардар, чиј тренер е во моментов, ѝ приредија изненадување.
Тие на тренинг ѝ донесоа колачиња на кои беше испишано Hall of Fame (Куќа на славните) и огромен букет за да го прослават нејзиниот успех.
Индира врвот на својата кариера го имаше со Кометал Ѓорче Петров, клубот со кој во 2002 година ја освои титулата во Лигата на шампионите.
Повеќе фотографии од церемонијата во Виена:
А. Ј. | Црнобело