„Сакаш да бидеш поубава од неа“ - Викторија Бекам критикувана за фотката со која ѝ честита роденден на снаата
- Детали
- вторник, 10 јануари 2023
„Не можеше да најдеш поубава фотографија“, „Си избрала слика на која ти изгледаш поубаво од неа“ – стои во дел од коментарите за фотографијата што Викторија Бекам ја објави за да ѝ го честита 28-иот роденден на снаата. Други, пак, велат дека е убаво што пејачката се обидува да ги смири страстите и да се помири со снаата.
По повеќемесечните медиумски препукувања и расправии, се чини дека Викторија Бекам и нејзината снаа Никола Пелц Бекам, конечно се помируваат.
Мајката на Бруклин, вчера (09.01), објави досега невидена фотографија од неа и од снаата за да ѝ го честита 28-иот роденден.
До фотографијата на која се гледа дека Викторија и Никола се добро расположени и насмеани додека јадат, поранешната членка на групата Spice Girls напиша:
„Среќен роденден Никола Пелц Бекам. Се надевам дека ќе имаш прекрасен ден!!!“
Никола веднаш одговори во коментар и напиша „благодарам“ со неколку срциња.
Инаку, во дел од коментарите, обожавателите на Викторија коментираат дека таа ја избрала најлошата фотографија и не напишала „те сакам“, додека други велат дека овој чекор на Викторија е за поздравување затоа што е убаво да се види дека таа се обидува да ги подобри односите во семејството и да се смири со снаата.
Оваа објава на Инстаграм е малку неочекувана, ако се земе предвид дека Викторија Бекам и Никола Пелц со месеци наназад имаа влошен однос.
Снаата ја користеше секоја можност за интервјуа во кои говореше за наводно заладување на односите помеѓу неа и нејзината свекрва заради венчаницата што таа (не) ја носела на свадбата.
Инаку, Никола сподели повеќе фотографии на својот Инстаграм профил, на кои покажа дека роденденот го поминала во спа центар заедно со пријателките и мајка ѝ, а потоа имала роденденска забава на која присуствувале нејзините најблиски пријатели и семејството.
„Како изгледа среќата“ – напиша таа до фотографиите.