Зошто се крена врева за прстите на Кејт Мидлтон?
- Детали
- четврток, 15 март 2018
Постои бизарна причина поради која странските медиуми, како и луѓето ширум светот, деновиве се занимаваат со нејзините дланки. Дел од нив дури и се посомневаа во физичкото, но и менталното здравје на војвотката од Кембриџ.
Очите на јавноста се вперени кон Кејт Мидлтон (36), особено изминатите месеци, додека британската славна дама го носи третото кралско бебе.
Папараците и новинарите будно ѝ ги следат сите појавувања, па секојдневно се дознава нешто ново за животот на војвотката од Кембриџ.
Иако најчесто во фокусот се стилот и модните избори што таа ги прави, деновиве на тапет се најде еден сосема нов момент.
Жешка тема се елегантните и негувани дланки на Мидлтон, ама од прилично апсурдни причини. Во прашање се нејзините прсти.
Да, добро прочитавте! Прстите. Веќе извесен период се објавуваат фотографии и написи за дланките на познатата дама.
Она што им „падна во очи“ на дел од странските медиуми, претставуваат порамнетите и подеднакво долги прсти на војвотката.
На споменатите слики, воочливо е дека вториот, третиот и четвртиот прст на Кејт Мидлтон се речиси идентични по висина.
Од друга страна, кај мнозинството луѓе, вообичаено е средниот да биде значително подолг од останатите прсти. Па, каква „тајна“ открија тие?
„Средниот прст треба да ги надвишува останатите за 2 сантиметри.“, истакнува експертот Џони Финчем во разговорот за Daily Mail.
Од биолошка гледна точка, фактот што и показалецот и домалиот прст се со слична должина, веројатно се должи на високата изложеност на естроген во утробата на фетусот.
„Релативната должина на овие два прста е детерминирана кон крајот на првиот триместар од бременоста, а колку тие ќе пораснат, најмногу зависи од нивото на хормоните кај мајката.“, тврди универзитетскиот професор Џон Менинг.
Постојат научни истражувања според кои должината на прстите се смета за еден од потенцијалните индикатори за физички, но и ментални болести, како што се проблеми со срцето, рак на дојката, алергии, егзема, поленска треска, па дури и шизофренија.
Други, пак, ја поврзуваат со плодноста и предиспозициите за занимавање со спорт. Воедно, структурата на дланката и прстите важат и за показатели на карактерот на личноста.
Па, врз основа на нив, именуваните професионалци ѝ направија и стручна „анализа“ на сопругата на принцот Вилијам.
„Композицијата на нејзината дланка укажува дека таа е особено креативна, но и сензитивна личност.“, открива Менинг.
„Луѓето со покус среден прст честопати имаат проблем да го најдат своето место во животот.“, додаде Финчем и предупредува: „Како што ќе старее, можно е да посака да побегне од ограничувањата што ѝ ги наметнува кралскиот живот. Многу од нив завршуваат живеејќи во друга земја, наместо таа во која се родиле.“.
Се сеќавате на бурните реакции за стапалата на Кендал Џенер? Сега и прстите на Кејт предизвикаа лавина од коментари на социјалните мрежи. Сепак, мнозинството корисници се согласни дека секаков суд за нечие тело е непримерен и деградирачки.
Впрочем, само затоа што војвотката е член на кралското семејство, не значи дека таа има помалку право да биде (не)совршена на свој начин, зар не?
М. А. | Црнобело