Ја бакнува, таа се трга: Видео од сетот на филмот на Блејк Лајвли и режисерот што го тужи го подели мислењето на јавноста
- Детали
- среда, 22 јануари 2025
„На видеото се гледа како Балдони постојано се наведнува кон Лајвли, пробува да ја бакне, ја бакнува во чело, ги трие лицето и устата од нејзиниот врат, ѝ ја допира устата, ја гали“, вели адвокатот на Блејк Лајвли за видеото кое го подели мислењето на јавноста.
Тужбите и „препукувањата“ помеѓу Блејк Лајвли и режисерот Џастин Балдони не стивнуваат.
Последно, режисерот проба да си ја спаси репутацијата споделувајќи видео од сетот на филмот It Ends with Us, но Блејк, како и дел од нејзините фанови, сметаат дека со ова само ги потврдил тврдењата на актерката.
Во својата тужба, Блејк Лајвли има наведено дека била сексуално вознемирувана од Џастин додека снимале сцена со танцување.
Според актерката, тој постојано пробувал да ја бакне, иако во сценариото било наведено дека треба само да разговараат и танцуваат.
Притоа, ѝ велел дека мириса многу убаво, а почнал и да ја бакнува на вратот.
Вчера (21.01) Daily Mail откри дека имаат видео од снимањето на таа сцена на која се гледа како се однесува Џастин, а се слуша и што ѝ зборува на Блејк.
Видеото го добиле од тимот на Џастин Балдони кој, пак, сметал дека е доказ дека тврдењата на Блејк се лажни.
На видеото се гледа дека Џастин и Блејк танцуваат и тој неколкупати пробува да ја бакне.
Во еден миг, актерката му вели дека сцената ќе биде поромантична ако само зборуваат, а не се бакнуваат.
Сепак, Џастин продолжува со обидите да ја бакне.
Во еден миг, Џастин изгледа како да ја бакнува на вратот и ѝ вели дека спрејот што го носи на телото мириса убаво.
Во текот на целото видео Блејк се смее, но делува како да ѝ е непријатно.
Сега се огласи и Блејк, преку нејзиниот адвокатски тим.
„Џастин Балдони и неговиот адвокат можеби ќе се надеваат дека со ова ќе постигнат нешто, но самото видео изгледа лошо за него.
На видеото се гледа како г. Балдони постојано се наведнува кон г-ѓа Лајвли, пробува да ја бакне, ја бакнува во чело, ги трие лицето и устата од нејзиниот врат, ѝ ја допира устата, ја гали, ѝ кажува колку добро мириса и разговара со неа настрана од ликовите што треба да ги глумат.
Секој кадар од видеото, до детаљ го потврдува она што г-ѓа Лајвли го наведе во тужбата“.
Адвокатот на актерката додаде и дека интимните мигови што се гледаат во видеото не биле однапред договорени и испланирани, како што е случај со сите вакви сцени.
„Секој миг од сцената е импровизиран од г. Балдони, без разговор или барање дозвола (од Блејк) и нема координатор за интимност на сетот.
Балдони не е само колега на Лајвли, туку режисер, директор на студиото и шеф на Лајвли“.
Адвокатот истакнува дека и покрај тоа што Блејк постојано ја трга главата и му вели на Џастин дека треба да зборуваат, а не да се бакнуваат, тој не се откажува.
„Секоја жена која била непристојно допрена на работното место ќе ја препознаат неудобноста што ја чувствува г-ѓа Лајвли.
Ниту една жена не треба да презема драстични мерки за да избегне да биде допрена од колега без нејзина дозвола“.
За потсетување, Блејк поднесе тужба против Џастин кон крајот на минатата година и го обвини за сексуално вознемирување.
Истиот период, New York Times објави колумна во која се зборува за кампањата на Џастин против Блејк, со цел да ѝ ја уништи репутацијата.
Џастин ѝ врати со контратужба, а минатата година поднесе уште една тужба, овој пат и против сопругот на Блејк – Рајан Рејнолдс – и ги обвини дека ја користат нивната позиција во Холивуд за да му ја уништат кариерата.
Блејк доби поддршка од бројни фанови, но јавноста е поделена во врска со видеото од снимањето.
Некои сметат дека Блејк изгледа како да ужива во снимањето на сцената бидејќи е насмеана.
Но, други истакнуваат дека е очигледно дека пробува да се тргне од него додека тој ја бакнува и дека кога се смее изгледа како да е нервозна, но пробува да биде учтива.
Погледнете го видеото во продолжение:
Прочитајте и: Ѝ покажувал видеа и фотографии од голи жени, ја допирал: Зошто Блејк Лајвли го тужи режисерот на нејзиниот нов филм?
Спирова С. | Црнобело