Некои даваат скапи подароци, некои не ги плаќаат вработените: Какви шефици се Кардашијанс?
- Детали
- сабота, 30 декември 2023
Додека Кортни барала вработените да ѝ се обраќаат само со „госпоѓо“ и никако по име, поранешна асистентка на Кајли вели дека таа била одлична шефица, па дури и станале многу добри пријателки. Какви шефици се Кардашијанс според поранешни вработени?
Несомнено, кланот Кардашијан-Џенер денес важи за едно од најмоќните и највлијателните семејства.
Низ годините, тие стекнаа огромна популарност, но и заработија многу пари – само Ким „тежи“ над една милијарда долари.
Како и сите богаташи, и Кардашијанс имаат низа луѓе кои работат за нив – од готвачи и телохранители, до хигиеничари.
Некогаш, токму овие луѓе кои некогаш работеле за нив можат да ни дадат увид за тоа какви личности се навистина.
Многу поранешни вработени на Кардашијанс имаат прозборено за нивното искуство со семејството, а некои немаат баш најдобри зборови.
Па, што влеат поранешните вработени за Кардашијанс?
Крис Џенер
Според поранешната дадилка на Крис – Пам Бехан – таа „се исклучува“ кога нешто не е по нејзино.
Крис има вработено неколку лични асистенти кои завршуваат секакви работи за неа.
И, од нив има навистина високи очекувања. На пример, ако треба да почека за нешто подолго отколку што сака, асистентот ќе ги сноси последиците.
Во 2018-та, пак, самата изјави дека доколку нешто приватно излезе во јавност, ќе го казни одговорниот најстрого што може.
„Не ми е гајле колку пари има некој. Некои луѓе си мислат ’Јас немам пари, па сигурно нема да ме тужат‘. Не грижи се, ќе си наплатиме и ќе ти ја собираме платата наредните 10 години“.
Според поранешната дадилка Пам, Крис имала сериозни проблеми со темпераментот кога не ѝ биле исполнети сите желби.
Друга жена која тврди дека работела за Крис изјави дека долго време имала кошмари од неа бидејќи работела прекувремено.
Една девојка, пак, вели дека Крис ја терала да ги научи имињата на сите дизајнери за да не „звучела како идиот“ кога ѝ зборувала.
Клои Кардашијан
Наводно, Клои не им плаќала на вработените за прекувремена работа.
Во февруари 2023-та, поранешен асистент ја тужеше ријалити ѕвездата за неплатена работа.
Тој работел за Клои од 2019-та до 2022-ра, неретко и по 12 часа дневно, но не бил платен за прекувременото работење.
Некогаш таа му давала толку многу обврски, што во текот на 12-те часа немал време ни за кратка пауза за ручек.
Кортни Кардашијан
Леа Бар, која работела како дадилка за Кортни, има изјавено дека тоа биле едни од најубавите години од нејзиниот живот.
Таа истакнува дека работата била далеку од лесна, но Кортни била предобра со неа.
Сепак, друга дадилка има поразлично искуство. Имено, Кортни барала од вработените да ѝ се обраќаат со „госпоѓо“.
Но, еднаш дадилката не сакајќи ја викнала по име:
„Беше многу налутена. Никогаш не ја повторив грешката“.
Ким Кардашијан
Вработените на Ким, особено личните асистенти, секогаш имале пренатрупан распоред.
Поранешна асистентка на Ким откри дека морала да ѝ биде достапна 24/7.
Притоа, постојано биле во контакт и се допишувале од мигот кога Ким ќе стане, додека да си легне.
Иако некогаш била строга, некои вработени откриваат дека Ким сака да им дава скапи подароци.
Кајли Џенер
Мислењата за Кајли се поделени – некои велат дека работењето за неа е забавно, но други тврдат дека барала премногу од нив.
Личните асистенти поминувале подобро и поранешна асистентка има откриено дека додека работела за Кајли, практично станале најдобри пријателки.
Оние кои страдале повеќе биле дадилките. Кајли им забранувала да носат накит, морале да ги мијат рацете речиси постојано и од нив очекувала да бидат достапни за патувања во секое време.
Кендал Џенер
Кендал е најзатворена од кланот Кардашијан-Џенер и мошне добро си ја крие приватноста.
Всушност, засега нема личност која работела за Кендал и споделила нешто од искуството.
Спирова С. | Црнобело