На гости кај пејачката Елена Петреска: Совршено уредена куќа од 200m2 во Белгија, со земјени тонови и два клавири (фото)
- Детали
- сабота, 09 ноември 2024
„Куќата се наоѓа во градот Монс во кој градбите се автентични, даваат чувство како да сте во друго време. Во нашиот дом преовладува минимализам, особено во колоритот“, вели Елена Петреска за CRNOBELO.com.
Елена Петреска веќе 20 години професионално се занимава со музика, а повеќе од 16 години е вработена во Националната опера и балет.
Во моментов живее во Белгија поради работата на нејзиниот сопруг, заедно со нивните две деца Михаел (9) и Софиа (8).
Тие живеат во изнајмена куќа, која комплетно ја опремиле самите според нивниот вкус.
За преселбата и уредувањето на домот, Елена открива за CRNOBELO.com:
„Одлуката за преселбата ја донесовме заеднички, и двајцата бевме возбудени да направиме промена, имавме потреба за нови искуства и навистина ми е драго што сме тука.
Куќата се наоѓа во градот Монс во Белгија и има околу 200m2.
Градот Монс е град на уметност. Секој дел, посебно центарот, има своја уметничка приказна.
Градбите се автентични, даваат чувство како да сте во друго време, во друга димензија. Впрочем како и повеќето градови во Белгија кои имаат прекрасна архитектура и се магични.
фото: VisitMons
Куќата во која живееме кога ја изнајмивме беше празна.
Единствено кујната и купатилото ги затекнавме таму, но и тие претрпеа мала промена. Другиот дел од ентериерот е наш.
Кога се работи за уредување на домот кај мене преовладува минимализам, особено во колоритот.
Секогаш избирам земјени нијанси.
Во ентериерот белата боја преовладува, па после неа се беж и кафеава.