На гости кај Александра: Стан во Скопје со тераса украсена како од божиќна бајка (фото)
- Детали
- вторник, 17 декември 2024
„Не само во домот, туку и во училиштето во кое работам, несебично декорирам за да уживаме сите. Оваа година цртав зимски мотиви на стакло“, вели одделенскиот наставник Aлександра од Скопје.
Aлександра од Скопје е дипломиран педагог и работи како одделенски наставник, а нејзиниот дом секоја година во овој период е вистинска празнична магија.
Нејзиниот стан е уреден во бохо стил, но за време на празниците таа го претвора во вистинска празнична бајка, а особено внимание ѝ посветува на терасата.
Александра за CRNOBELO.com споделува:
„И оваа година, бевме меѓу првите со китење. Во нашиот дом рано блеснаа новогодишните сијалички и декорации.
Не само во домот, туку и во училиштето во кое работам, несебично декорирам за да уживаме сите.
Нема ништо поубаво кога ќе го видам моето дете и моите ученици како се радуваат и воодушевуваат.
Оваа година тоа се изрази преку цртање зимски мотиви на стакло.
Така и дома направив една зимска бајка, преку нацртаните прозорци се гледа и новогодишниот декор на терасата.
На терасата традиционално ја задржав црвената, бела, зелена и златна боја.
Следно планирам да ги изненадам и соседите од влезот во зградата со еден подарок и да нацртам зимска приказна на прозорците и вратите од нашата зграда.
Креативноста не треба да ја чуваме во себе, најдобро влијае кога ќе излезе од нас на некое дело“.