На гости кај Александра: Празнично украсен стан во Скопје, во кој е накитено дури и во кујната (фото)
- Детали
- сабота, 09 декември 2023
„Традиционално, украсувањето во мојот дом започнува од нејзиното височество - елката. Таа се украсува со албум од Мајкл Бубле, новогодишни песни и чаша бело вино. Како мајка се трудам и на моето дете да му ја пренесам љубовта и посветеноста кон празниците“, вели наставничката Александра од Скопје за CRNOBELO.com.
Александра, која е дипломиран педагог и работи како одделенски наставник, живее во стан во Скопје, во кој доминираат светли тонови.
Периодов нејзиниот дом изгледа како сцена од празнична бајка.
За новогодишниот и божиќен декор, Александра за CRNOBELO.com вели:
„Отсекогаш сакав стан во кој ќе доминираат светли тонови.
Конечно домот си ги доби целосно посакуваните бои, преовладуваат бела боја, крем, светло дрво, односно со еден збор земени се земјени светли тонови предвид.
Креативноста не го остава човекот да седи мирен и да не прави промени во домот, особено за празници во кои уживаме, каде неуморно се трудам секој празник да остави единствен спомен, своја посебна слика, тргнувајќи од декорација.
Така, сама по себе периодов произлезе и инспирацијата за новогодишен и божиќен декор и за празнично уреден дом, скоро во секое катче.
Празничните денови за мене претставуваат возбуда уште пред да започне месец декември.
Зимата ми е омилено годишно време, сакам да гледам луѓе со џемпери, шал, капа и чај во рака.