На гости кај Никица и Дамјан: Стан на Македонци во Хановер во кој сопствениците сè направиле сами (фото)
- Детали
- сабота, 18 јануари 2025
„Освен за ламинатот, немавме ниеден мајстор и сè направивме сами. Искрено, беше макотрпен процес, но вредеше. Конечно живееме во домот каде што сакаме да ги пораснеме нашите деца“, вели Никица Ацева Стојанов (28) за CRNOBELO.com.
Никица Ацева Стојанов (28) e дипломиран маркетинг-менаџер од Скопје и веќе 6 и пол години ја пишува својата Инстаграм приказна, во која опфаќа разни содржини меѓу кои, мода, семејство, патувања и многу други.
Дамјан Стојанов (27) е дипломиран менаџер за односи со јавноста и меѓународен маркетинг менаџмент од Скопје, фотографијата му е прва љубов и хоби, со кое ја придружува сопругата во нејзината Инстаграм приказна.
Парoт веќе извесен период живее во Германија, претходната година се остварија во улога на родители, а го купија и својот прв заеднички семеен дом.
За CRNOBELO.com Никица споделува детали за домот:
„Станот се наоѓа во Хановер - градот во кој веќе 3 години го градиме нашето гнездо.
Потрагата траеше доста долго, но кога влеговме во нашиот сегашен стан, веднаш знаевме дека е тоа што го бараме, во смисла на распоред, големина, квалитет, светлина, ориентација.
Секако, требаше да се направат корекции за да дојдеме до посакуваниот изглед.
Сè повеќе сме сведоци на трендот DIY или „направи сам“, па така освен за ламинатот немавме ниеден мајстор и сè направивме сами.
Искрено, беше макотрпен процес, но секако на крајот вредеше.
Сега, конечно живееме во домот каде што сакаме да ги пораснеме нашите деца и да ги создадеме најубавите семејни спомени.