Роверот на Марс си направи селфи + најдобрите фотографии што ги сподели НАСА
НАСА се подготвува за летот на хеликоптерот Ingenuity што го испратија на Марс заедно со Perseverance, а неодамна споделија селфи од роверот и леталото.
Покрај истражувањата на роверот Perseverance кој ќе бара траги од живот на Марс, како дел од мисијата на НАСА е и малиот хеликоптер Ingenuity.
Хеликоптерот беше лансиран и слета заедно со роверот, односно беше прикачен за него. На 3-ти април роверот и хеликоптерот беа одвоени, а неговиот прв лет на Марс е закажан за 11-ти април. Хеликоптерот ќе биде управуван од Земјата и ова ќе биде првпат во историјата на човештвото луѓето да управуваат со летало на друга планета.
Уште поинтересно е што на перките на хеликоптерот е вградено делче од авионот на браќата Рајт - мажите кои го направија првиот лет со авион во историјата на човештвото.
Деновиве, пак, НАСА објави „селфи“ на кое одлично се гледаат и роверот и хеликоптерот. Селфито е направено од 62 индивидуални фотографии, кои експертите на НАСА ги споиле во една.
Роверот направил и уште една фотографија, на која одлично се гледа хеликоптерот на марсовската површина.
Како роверот, и хеликоптерот е опремен со неколку камери и ќе прави фотографии и видеа од Марс. Од НАСА изјавија дека првиот лет е закажан за 11-ти април, а резултатите, заедно со фотките и видеата од тестот ќе ги споделат следниот ден.
Ingenuity ќе има околу пет летови на Марс, во период од 31 ден. Во меѓувреме, роверот Perseverance ќе ја истражува планетата, односно кратерот Jezero, околу 2 години.