Роверот Perseverance ќе слета на Марс и ќе бара траги од живот – како да го следите во живо?
После половина година и речиси 500 милиони километри, роверот на НАСА, Perseverance, ќе слета на Марс, како дел од мисијата Mars 2020, и ќе бара траги од живот на црвената планета.
Денес, 18-ти февруари, роверот на НАСА, Perseverance, ќе слета на Марс, а според пресметките, при влегувањето во атмосферата ќе треба да издржи температура од околу 1.300 степени Целзиусови.
Настанот ќе се пренесува во живо, а од НАСА велат дека 7-те минути додека трае слетувањето ќе бидат многу ризични. Односно, постои можност роверот да биде уништен.
Роверот Perseverance ќе собира примероци од почвата на Марс, а ако сè оди по план, ова ќе биде првиот ровер од црвената планета кој ќе се врати на Земјата. Истовремено, неговото враќање ќе биде и првото лансирање од друга планета.
Роверот беше лансиран на 30-ти јули 2020-та година и помина растојание од околу 470 милиони километри. Роверот патува со брзина од 2,5 километри во секунда, а кога ќе влезе во атмосферата на Марс ќе мора многу да забави. Во тој миг ќе почнат кобните 7 минути.
Како што леталото ќе влезе во атмосферата, триењето драстично ќе ја зголеми неговата температура, а од НАСА се надеваат ќе може да го издржи ова. Кога роверот ќе се спушти на 11 километри од површината на Марс, ќе се отвори падобранот кој дополнително ќе го забави.
Од НАСА направија и 3Д анимација која покажува како ќе изгледа слетувањето:
Мисијата на роверот ќе трае најмалку една марсовска година, односно 687 денови. Роверот е опремен со камери и алатки кои ќе ја анализираат почвата, како и дупчалка со која ќе собира примероци од под површината.
Со оваа мисија научниците ќе се обидат да откријат и дали луѓето би преживеале на Марс, со претворање на јаглеродниот диоксид од планетата во кислород. Ова е дел од експеримент наречен Mars Oxygen In-Sity Resource Utilization Experiment.
Една од главните цели на роверот е да најде остатоци од древни животни форми на планетата, а подвигот е дел од мисијата Mars 2020 со која се прават подготовки да се испратат и луѓе на црвената планета.
Роверот Perseverance ќе слета во кратерот Jezero, лоциран на источната хемисфера на Марс.
На сликата во продолжене се прикажани локациите на неколкуте летала испратени до Марс, вклучувајќи ја и онаа на Perseverance:
Според собраните податоци, научниците дојдоа до заклучок дека кратерот во минатото бил езеро, а роверот ќе слета на место за кое се верува дека било речна делта.
Бидејќи на Земјата во речните делти има многу фосили и остатоци од стари живи организми, научниците се надеваат дека исто ќе биде и на Марс. Односно, ако на Марс има траги од живот, најверојатно е да се наоѓаат таму.
Како што напоменавме, од слетувањето ќе има пренос во живо, кој почнува во 20:15 часот, а се очекува роверот да слета околу 21:55 часот.
Преносот можете да го следите во продолжение:
Спирова С. | Црнобело / Фото: NASA