„Пушти ги нека зборуваат“ – прва збирка поезија на битолчанката Марија Бакиевска
„Ова е книга која ќе ве поттикне да размислувате зошто му даваме толку важност на тоа што другите го зборуваат за нас и како да се ослободиме од оковите на зборовите кои нѐ врзуваат денови, месеци, па дури за жал понекогаш и години“ – со овие зборови поетесата Марија Бакиевска во изјава за CRNOBELO.com ја опишува својата прва книга поезија што ќе биде промовирана следниот месец во Битола.
Во издание на издавачката куќа „Златно Перо“ ќе биде објавена првата книга поезија на поетесата Марија Бакиевска.
Мариа (24) е по потекло од Битола, во моментов живее и работи во Загреб, а во изјава за CRNOBELO.com вели дека објавувањето на збирката поезија „Пушти ги нека зборуваат“ е остварување на нејзиниот сон.
Таа вели дека целиот свој живот работи во угостителскиот сектор, но целиот нејзин влог е во пишувањето.
„Пушти ги нека зборуваат е книга која ќе ве поттикне да размислувате зошто му даваме толку важност на тоа што другите го зборуваат за нас и како да се ослободиме од оковите на зборовите кои нѐ врзуваат денови, месеци, па дури за жал понекогаш и години.
Потоа длабоко ќе ве соочи со вашата уникатност и неспоредливост, ќе се согледате низ огледалото на саморефлексијата, пристигнувајќи до љубовта која треба да си ја дадете на самите себе и на крај ќе ве охрабри како да го чувате срцето во просторот на слободата“ – вели таа.
Промоцијата на книгата ќе се одржи на 11-ти ноември годинава во Офицерски дом - Битола, а промотор ќе биде издавачот на книгата Јулијана Наумовска.
Песните во оваа збирка зборуваат на пет теми: пушти ги оние кои зборуваат (од каде доаѓа и самиот наслов на книгата), себерефлексија, ти си ти, љубовта кон себе и чувај си го срцето.
Б. С. Б. | Црнобело