За сериозни читатели со истенчен вкус – 3 книги кои ќе ве задлабочат во размислувањето
Некои книги носат поголема тежина од другите, па остануваат подолготрајно во меморијата и сами по себе си носат длабоки дискусии и заклучоци.
Љубители сме на ваквите книги кои се скалила погоре од „обичните романчиња“, бидејќи добро е одвреме-навреме да се прочита нешто подлабоко и посериозно. За вас ги одбравме следните три наслови:
Најдобри намери – Ингмар Бергман
„Најдобри намери“ е семејна сага и прекрасна љубовна приказна напишана од еден од најголемите режисери на XX век. Инспириран од реални настани, ова е хибриден роман што спојува нарација, сценарио и мемоари, а ја раскажува приказната за првите брачни години на родителите на Бергман.
Во „Најдобри намери“ Ингмар Бергман го покажува својот врвен книжевен талент, плетејќи сложена приказна што функционира на повеќе нивоа, но тоа е, пред сè, приказна за љубовта како чудо само по себе, најчесто необјасниво и неразбирливо, но поврзано со нашите најважни животни одлуки.
Според романот во 1992 година е снимен и филм, награден со „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал.
Дневник од Гвантанамо – Мохамеду улд Слахи
Оваа книга е првиот и единствен дневник на притворено лице што 14 години било држено во Гвантанамо. Во 2002 година, Мохамеду улд Слахи бил затворен во притвореничкиот логор Гвантанамо Беј во Куба, каде што се држеле политички затвореници од војната во Авганистан, а подоцна и од војната во Ирак. Сите години додека бил таму, САД воопшто не го обвиниле за какво било дело.
По три години во заробеништво, Слахи почнал да пишува дневник и да го раскажува својот живот пред да исчезне во американски затвор и пред да се најде на „бесконечното патување низ светот на затворите и испрашувањата“. Неговиот дневник не е само жив запис за погрешно спроведување на правдата, туку и длабоко лична автобиографија – застрашувачка, полна со црн хумор и изненадувачки елегантна.
Се мислам да ставам крај – Ијан Рид
Се мислам да ставам крај е ингениозно извитоперено кошмарно патешествие низ кревката психа на двајца млади љубовници. Приказната започнува со „обично“ возење на парот кон семејниот дом на момчето. Тоа има план да ја запознае девојката со нив.
Но, патешествието носи многу изненадувања, меѓу кои и главното прашање – дали треба да останеме заедно? Анализи, дискусии, сомнежи и интроспекција, зачинето со динамично дејствие и неочекуван пресврт. Со сигурност ќе уживате.
(О)Милена | Црнобело