3 напнати психо-драма трилери кои ќе ве воодушеват и остават без мир
Доколку сте љубители на овој жанр, овие 3 наслови со сигурност ќе ве воодушеват. Дејствието е брзо и напнато, а ќе имате чувство дека страниците се „вртат сами од себе“.
Книгите се богатство, а читањето еден вид медитација и половина ментално здравје:
Инстинкт – Ешли Одрин
Блајт Конор е решена дека ќе биде топла и мила мајка на своето новороденче Виолета, тоа што таа самата никогаш го немала. Но, среде напнатоста во првите исцрпувачки денови од мајчинството, Блајт почнува да мисли дека нешто не е во ред со нејзината ќерка — таа не се однесува како другите деца. Или, пак, Блајт само си замислува?
Нејзиниот сопруг, Фокс, вели дека таа си замислува некои работи. Колку што повеќе Фокс ја разубедува во врска со нејзините стравови, толку повеќе таа почнува да си го преиспитува здравиот разум, а и ние почнуваме да се прашуваме дали е точно тоа што ни го раскажува Блајт за својот живот.
Еден по еден – Крис Картер
„Ми треба Вашата помош, детективе. Оган или вода?“ Детективот Роберт Хантер добива анонимен повик и чудно барање: да посети конкретна веб адреса – еден вид приватно емитување на содржина. Хантер ја отвора адресата и веднаш почнува шоу осмислено специјално за негови очи. Но јавувачот не сака детективот Хантер само да гледа, тој сака и да учествува, а одбивањето едноставно не е опција.
Принуден да направи одвратен избор меѓу две подеднакво грозоморни опции, Хантер мора да седи и да го гледа измачувањето и убиството на неидентификувана жртва во живо на интернет. Полицијата на Л. А и ФБИ ги користат сите свои ресурси за електронски да го лоцираат преносот, но овој убиец не е аматер и беспрекорно си ги има покриено трагите.
Драг господине М. – Херман Кох
Своевремено славен писател, М. го постигнал најголемиот успех со трилер базиран на случај на исчезнување во реалниот живот. Во него ја раскажал приказната за професор по историја што исчезнал една зима откако имал куса врска со својата прекрасна студентка. Професорот никогаш не бил пронајден. По објавувањето, романот на М. станал бестселер што го одбележал неговиот интернационален пробив.
Тоа било пред многу години, но сега кариерата на М. е на залезот. Но не и ако го прашате неговиот бизарен, навидум срамежлив сосед, кој ги демне и него и неговата сопруга. Зошто?
(О)Милена | Црнобело