Интересни книги од регионални автори кои нема да можете да ги оставите
Приказна за адвокат кој се наоѓа во санаториум, тинејџерска книга која ќе ве замисли, роман кој е своевиден десант на постјугословенското општество...
Покрај домашните и светски писатели кои се читаат кај нас, последниве години во Македонија се популарни и многу писатели од регионот.
Токму затоа денес ви нудиме три интересни книги кои штом почнете да ги читате - нема да можете да ги оставите и ќе брзате да стигнете до последната страница.
Овие три книги, едноставно, треба да ги прочитате:
„Волк“ - Саша Станишиќ
Првата книга за деца и тинејџери од Саша Станишиќ се фокусира на стравот и храброста, малтретирањето кај младите, пријателството, емпатијата и развојот на карактерот.
Мало и намуртено момче е принудено да оди во камп во шума против неговата волја.
А таму го очекува вечно талкање, печење компири со лушпа, зуење на комарци.
Адолесценти, неколку дена препуштени едни на други и на природата, придружувани од неколкумина воспитувачи.
И токму во целата таа приказна, момчето ќе ве освои со својата луцидност и ќе ве замисли за проблемите што го мачат.
А и ќе ве уплаши со приказните за волкот што му се појавува пред очи кога е темно и кога ќе ги затвори очите - голем, слаб, сив, со жолти очи и со јазик со кој постојано се оближува.
Овој роман ја истражува тенката линијата помеѓу тоа да се биде различен и да се биде маргинализиран.
„Е, баш ви фала“ - Марко Видојковиќ
Романот „Е, баш ви фала“ од Видојковиќ е своевиден десант врз целокупното постјугословенско општество.
Во ера на глобална апатија и општо чувство на безизлезност, авторот ни помага појасно да ги согледаме и судбината на Југославија и времето во кое живееме.
Критиките за оваа книга се одлични, а една од нив вели:
„Замислете живот во кој го набљудувате вашиот погреб за да проверите кој дошол, а кој ве заобиколил...
Или да го видите својот развој во други околности, да имате можност отпосле да го поправите својот избор, личниот или туѓиот, да ја креирате историјата со интервенција како мултидимензиски герилец, како Терминатор, само уште подобро!
Ако нешто од тоа ве привлекува, престанете да замислувате и земете ја оваа книга во која се остваруваат храбрите желби и мечтаења“.
„Рудникот“ - Миодраг Мајиќ
Овој роман на Миодраг Мајиќ (негов трет) е пишуван со намера да ве вџаши уште од првата реченица.
Исповедта на Богдан Бањац можеби е вистинита, а можеби е плод на трауматизираната фантазија, но во секој случај е веродостојна на неговите сеќавања.
Тој е поранешен адвокат што се наоѓа во санаториум и поради тоа неговите навраќања кон минатото се земаат со резерва од јавноста.
Читателите, пак, лесно стануваат негов сојузник, дури и кога не веруваат во сè што кажува тој.
Според приказната на Бањац, тој се наоѓа во средиштето на комплексна мрежа од интереси на крупниот капитал, политиката и на институциите…
А рудникот богат со кобалт во селото на неговата баба наликува на премин кон некој друг, страшен свет, кој е пандан на ужасите што се случуваат во овој, нашиот свет.
Потреба за раскажување е последниот обид на Богдан да го реконструира минатото за да ја состави целосната слика за сегашноста и така да дојде до - вистината.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





