„Лисица“ и уште 2 книги од Дубравка Угрешиќ кои вреди да се прочитаат
Сте прочитале ли некогаш некоја книга од Дубравка Угрешиќ? Ако не, време е да се запознаете со делата на писателката која го добила епитетот „Прва дама на екс-ју книжевноста“...
За оние што не знаат, Дубравка Угрешиќ е хрватска писателка, преведувачка, есеистка, филмска и телевизиска сценаристка.
Таа дипломирала Општа и компаративна книжевност и руска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб.
Повеќе од 20 години работела на Институтот за теорија на книжевноста, а од 1993-та година живеела и работела во Амстердам.
Нејзините книги се преведувани на повеќе јазици, а во својата кариера имала можност да предава на голем број познати светски универзитети како Harvard, UCLA, Columbia и Free University of Berlin.
Авторката почина на 17-ти март 2023-та година во Амстердам.
Во нејзиниот опус има голем број книги и романи на кои вреди да им се посвети внимание. Таа со години наназад го носи епитетот „Прва дама на екс-ју книжевноста“, а нејзините романи се безвременски.
Иако сите нејзини книги се подеднакво добри и нема да згрешите ако земете некоја од нив, ние издвојуваме 3 од оние што се преведени на македонски јазик:
„Штефица Цвек во челуста на животот“
Книга што добро ќе ве насмее, но и ќе ве замисли. Тоа е приказната за загрепчанката Штефица Цвек која водела војна со килограмите и мажите долго пред светот да го освои приказната за Бриџит Џонс.
Приказна за дактилографката која се труди да го најде мажот на својот живот, додека во својата наивност ги слуша советите што нејзе несебично ѝ ги дели пријателката Маријана.
Романот е објавен во далечната 1981-ва година, но сега, и по 40 години ќе ви се допадне приказната која е безвременска.
Инаку, по овој роман бил снимен и филм насловен U raljama života.
„Лисица“
Роман, автобиографија и патопис... Ова е одлична книга за сите оние што сакаат да читаат неконвенционални книжевни форми, кои не можете да ги ставите во една „фиока“ или во еден жанр.
Авторката на свој, препознатлив начин се обидува да се пресмета со современата книжевна сцена и глобалните трендови, притоа, обидувајќи се на ироничен начин да прикаже како изгледа животот на оние што се обидуваат да живеат од креативното творештво, во светот којшто е сконцентриран само на пари и успех.
Писателката нè носи на нејзините патувања од Русија до Јапонија, а преку нив се труди да открие од каде доаѓаат вистинските приказни, како се менуваат и зошто воопшто тоа е важно.
„Доба на кожата“
Ова е збирка на 16 есеи од Дубравка Угрешиќ, во коишто повторно таа ги преплетува културата, книжевноста, политиката, секојдневните искуства...
Што се случиува со доселениците и имигрантите на Западот, каква е улогата на уметноста и дали самата кожа може да послужи како уметничко дело.
Преку нејзиниот препознатлив хумор и културолошките референци, Дубравка се обидува да ги покаже сите лица на човекот, па ги преиспитува соништата, среќата и стравовите.
Б. С. Б. | Црнобело