Книги што ќе им се допаднат на љубителите на Агата Кристи (од сите возрасти)
Романите на Агата Кристи се омилени, како за помладите читатели, така и за оние повозрасните кои сакаат да уживаат во добри детективски приказни со голем број заплети и загатки. Воопшто не е чудо, што оваа писателка со години наназад е инспирација и за новите и помлади автори.
„Смрт на Нил“, „Азбучните убиства“, „Убиство во Ориент Експрес“ се само некои од нејзините најпознати дела, кои низ годините се инспирација и за голем број други писатели.
Во продолжение издвојуваме книги кои се инспирирани од маестралните четива, но и од животот на познатата авторка, што ако не сте ги прочитале, треба да им дадете шанса.
„Агати“ – Кејтлин Глазгов и Лиз Лосон
Две необични пријателки се зближуваат и стануваат „Агати“ кои имаат задача да разрешат едно морничаво убиство, кое се случило во Касл Гроув.
Стив е кошаркарска ѕвезда во малото гратче Касл Гроув. Претходното лето, неговата девојка Алис, била исчезната пет дена и никој не знае што се случило со неа, затоа што таа не зборува за тоа.
Но, сега се случува нова мистерија. Уште една од девојките на Стив, Брук Донован исчезнува, која истовремено е најдобра другарка на Алис. Полицијата се обидува да го обвини Стив за убиството на Брук.
Така двете девојки (Алис и нејзината менторка Ирис) ќе се спојат за да докажат кој ја убил Брук, но ниту сами не се свесни за опасноста во која ќе се најдат додека ја водат нивната истрага.
„Аферата Кристи“ – Нина де Грамонт
Нина де Грамонт ја наоѓа инспирацијата за овој роман во 11-дневното исчезнување на Агата Кристи што навистина се случило, кога авторката имала 36 години.
Во Лондон во 1925-та година госпоѓицата Нан О Деа станала љубовница на Арчи Кристи, сопругот на Агата.
Но, прашањето што се поставува е зошто? Зошто би сакала да го уништи бракот на друга жена? Како Нан беше поврзана со исчезнувањето на Агата?
Иако инспирацијата е според вистинската животна приказна, делото е фиктивно, а приказната е плод на бујната фантазија на авторката и секако, е инспирирано од маестралните дела на Агата Кристи.
„Агата Одли – Тајниот клуч“ – Лина Џонс
Серијалот за 13-годишната детективка Агата Одли ги освои читателите од целиот свет. Првата книга е насловена „Тајниот клуч“ и го прикажува девојчето кој целиот свој живот е детектив – но го чека само својот прв голем случај.
Таа има школарина во престижно лондонско училиште, колиба во средиштето на Хајд Парк и соба полна со детективски романи, но и клуч кој ќе ѝ даде пристап до една сосема поинаква страна на Лондон.
Таа тргнува да ги решава мистериите во нејзиниот град, но се поставува прашањето кому може да му верува во таа мисија.
Б. С. Б. | Црнобело