3 биографии што треба да ги прочитате оваа есен (за луѓето што не се повеќе со нас)
„Здраво, се викам Метју, иако можеби ме знаете и по друго име. Пријателите ме викаат Мети. И требаше да сум мртов“ – со овие зборови Метју Пери ја започнува својата биографија и како на еден начин да ја предвидува сопствената смрт. Кои 3 биографии ви препорачуваме да ги прочитате оваа есен?
Велат дека уметниците никогаш не умираат, тие живеат преку своите уметнички дела, а нивните биографии ни даваат можност барем на миг да ѕирнеме во нивните приватни мисли и да почувствуваме дека повторно се со нас.
Погледнете кои три биографии веќе се достапни на македонски јазик и би било добро да одвоите време за да ги прочитате.
„Пријатели, љубовници и големото ужасно нешто“ – Метју Пери
Светот беше запрепастен откако дозна за веста за прераната смрт на актерот Метју Пери, а неговата биографија, објавена во 2022 година, веќе е достапна и на македонски јазик.
„Здраво, се викам Метју, иако можеби ме знаете и по друго име. Пријателите ме викаат Мети. И требаше да сум мртов.“
Со овие зборови Метју Пери ја започнува својата биографија во која зборува за својот живот зад сцените исполнет со пороци и борбата за ослободување, кои на крај упатуваат силна порака за надеж и упорност.
Ова е книга што ќе ви даде увид за долгата и напорна битка што актерот ја водеше со себеси, интимен крик кој ви овомзожува да го запознаете вистиснкиот Метју Пери, кој остануваше длабоко скриен зад харизматичниот и забавен лик во Friends, Чендлер.
„Ова не е крај“ – Тоше
И по 16 години македонската и балканската јавност сѐ уште тагува за загубата на Тоше Проески, но оваа книга мемоари ни дозволува барем на миг да се потсетиме на харизмата и љубовта со која тој нѐ облеваше.
Станува збор за книга во која се собрани сведоштвата на неговите најблиски, и се опфатени моментите од неговото раѓање, преку детството и првите настапи, па сѐ до блескавата музичка кариера што успеа да ја изгради.
Освен сведоштвата на најблиските и соработниците од Македонија, Србија и Хрватска во книгата се опфатени и досега невидени фотографии од неговиот семеен албум, од првите чекори на снегот, првите настапи, концерти, фотосесии.
„Мојата љубовна приказна“ – Тина Тарнер
Уште една светски позната ѕвезда која за жал не е повеќе со нас. Во својата единствена авторизирана биографија таа искрено зборува за својата блескава кариера, но и тешкиот приватен живот.
Од најтемните мигови, до најсреќните моменти – овие мемоари ќе ви помогнат да проследите една вистински инспиративна приказна за жената што успеваше да се избори со сите предизвици што ѝ ги донесе животот.
„Правев опасни работи и ми беа правени опасни работи, но во последен момент нешто во мене секогаш ми кажуваше кога да побегнам, како да преживеам. Без разлика што и да ми се случеше, секогаш се извлекував.
Си реков, па можеби треба да живеам. Можеби сум тука со причина. И можеби причината е да ја споделам мојата приказна со вас.“ – вели таа.
Б. С. Б. | Црнобело