2 книги од психологот Габор Мате што ќе ве натераат да се преиспитате себеси
„Кога самите не сме способни да му кажеме ‘не’ на стресот, телото зборува место нас. А кога телото ни зборува, треба да го слушаме“ – вели Габор Мате во книгата „Кога телото вели не“. Кои две книги од психологот треба да ги прочитате што ќе ве натераат да се преиспитате колку навистина знаете за себеси?
Унгарско-канадскиот психолог Габор Мате деновиве е актуелен со неговиот филм „Мудроста на траумата“ во кој загатнува мошне важни прашања на денешницата и нуди еден поглед одблиску за тоа зошто западното општество се соочува со епидемии на анксиозност, хронични болести и употребата на психоактивни супстанци.
Габор Мате е добитник на наградата Орден на Канада, а има долгогодишно искуство како семеен лекар и автор на книги.
Неговите книги се сконцентрирани на детскиот развој, траумата и потенцијалното влијание што траумата го има врз физичкото и менталното здравје, вклучувајќи и автоимуни, болести, рак, АДХД (Синдром на дефицит на внимание и хиперактивност).
Во продолжение издвојуваме две книги од Габор Мате што се преведени на македонски јазик и сосема ќе ви ја променат перцепцијата за човечкото здравје откако ќе ги прочитате:
„Кога телото вели не“
Оваа книга е сконцентрирана на сите оние незабележителни стресови со коишто се соочуваме од најмладата возраст и за тоа како тие се одразуваат подоцна врз нашето здравје.
Преку приказните на своите пациенти, но и на некои познати личности докторот се обидува да покаже како сите стресови и трауми влијаат врз целокупното здравје на човекот, па во еден дел од својата книга вели:
„Колку лекарите стануваат поспецијализирани, колку повеќе знаат за некој дел од телото или орган, толку помалку се трудат да го разберат човечкото суштетство во кое тој орган опстојува...“
Оттука, тој преку првата приказна за неговата пациентка, загатнува повеќе теми, како колку лекарите се само сконцентрирани само на лекувањето на одредени болести, но не и на она што ги причинило и се обидува да најде директна поврзаност меѓу стресот и болестите.
„Кога самите не сме способни да му кажеме ‘не’ на стресот, телото зборува место нас. А кога телото ни зборува, треба да го слушаме“ – вели тој.
„Митот за нормалното“
Во Западното општество кое е гордо со своите развиени здравствени системи, сѐ повеќе се зголемуваат случаите со хронични болести и влошената здравствена состојба. Речиси 70 отсто од Американците имаат по еден лек што редовно треба да го примаат, а повеќе од половината од населението зема по два вида.
Во Европа речиси 30 отсто од населението се соочува со хипертензија, а во светски рамки се зголемуваат проблемите со менталното здравје кај адолесцентите.
„Па, што е ‘нормално’ кога станува збор за здравјето?“ – прашува авторот.
Уште една книга во која Мате повторно се осврнува врз поврзаноста на духот и телото, но и животот во една токсична културна средина. Книга што на крајот ќе ве натера да се запрашате колку и што воопшто знаете за себеси и за сопственото здравје.
Б. С. Б. | Црнобело