3 нови книжевни изданија што треба да ги прочитате оваа пролет
Генијалната „Мала книга на стапици“ доби ново издание, што е неопходно помагало за сите оние што сакаат да пишуваат. Љубителите на трачот и скандалите имаат можност да ја прочитаат „Резерва“ на принцот Хари, а книгата „Согласност“ е мемоар што ќе ве остави без зборови.
За љубителите на убавиот пишан збор оваа пролет достапни се повеќе нови книжевни изданија.
Во продолжение ви препорачуваме 3 нови наслови што треба да ги прочитате:
„Мала книга на стапици“ – Горан Стефановски
За првпат беше објавена во 2003-та година, а сега 20 години подоцна „Мала книга на стапици“ доби ново издание, со нови корици на кои е ликот на најпознатиот македонски драматург и алатот, односно машината за пишување.
Книгата е алат што Горан Стефановски му го нуди на читателот за самиот да го искористи во создавањето на неговите драми. Оваа книга нема да ги напише вашите драми за вас, но може да ви помогне да ги напишете сами.
„Резерва“ – принц Хари
Книгата за која се крена премногу прашина во сите светски таблоиди и во која британскиот принц Хари отворено зборува за својот живот по смртта на мајка му.
Книгата открива повеќе непознати детали од животот на младиот принц: за тепачката со брат му Вилијам, за неговата зависност од пороци, начинот на којшто ја загубил невиноста.
„Резерва“ е преведена и достапна за читателите на македонски јазик, само неколку месеци откако беше објавена на англиски јазик.
„Согласност“ – Ванеса Спрингора
Мемоарите што ја потресоа француската и светската јавност. „Согласност“ ја раскажува вистинската приказна на 14-годишно девојче кое се вљубило, а потоа било сексуално злоставувано од 50-годишен писател.
Ова е приказна за украдено детство, но и за културолошките и другите околности што овозможуваат ваквата врска да опстои неколку години. Оваа книга поттикна многу жени низ светот да ја раскажат својата приказна и да сфатат дека не треба да молчат. И ниедна девојка, не треба да молчи, доколку е жртва на психопат...
Б. С. Б. | Црнобело