Контроверзни моменти од популарни романтични филмови (и серии), кои денес се критикувани
„Pretty Woman не е романтична бајка, туку филм за проститутка која станува дама само затоа што е милениче на богат и моќен маж“, изјави актерката Дерил Хана која ја одбила главната улога во филмот.
Ако добро размислите, некои од најпопуларните романтични комедии од минатото имаат по малку контроверзни моменти.
И, доколку биле издадени денес, веројатно би се соочиле со многу критики.
Од исмевањето на телото на Бриџит Џоунс (која е всушност згодна во филмот), до демнењето кое ни било претставено како романтично и знак на љубов, не недостасуваат бизарни моменти од постарите романтични комедии.
Дел од нив во продолжение:
Big (1988)
Во филмот, ликот на Том Хенкс е 13-годишно момче заробено во тело на возрасен маж.
Но, во филмот има сцена која алудира на тоа дека тој има секс со возрасна жена.
Pretty Woman (1990)
Иако е еден од најпопуларните филмови од 1990-тите, тешко дека некој би се осмелил денес да сними филм со сценариото на Pretty Woman.
Главните ликови се милијардер и сексуална работничка која тој ја најмува, но само за друштво, а притоа ѝ купува скапи подароци.
А, за многумина целото ова е деградирачко за жените.
Всушност, улогата на Џулија Робертс прво ѝ била понудена на Дерил Хана, но таа одбила.
„Пробуваа да го промовираат филмот како романтична бајка, кога во реалноста приказната е за проститутка која станува дама бидејќи е како милениче на богат и моќен маж.
Мислам дека филмот е деградирачки за сите жени на светот“, има изјавено актерката.
Shallow Hal (2001)
Во филмот, Гвинет Палтроу глуми жена со вишок килограми. Џек Блек, пак, глуми маж кој се вљубува во неа, но бидејќи ја сака, во неговите очи таа изгледа како супермодел.
Денес филмот е критикуван поради лошото претставување на луѓето со прекумерна тежина.
И Гвинет Палтроу самата има изјавено дека ова ѝ е најмалку омилениот филм на којшто работела.
За потребите на филмот, таа носи костим за да изгледа дебело, а кога првпат го пробала решила да прошета со него надвор од филмското студио, за да ги види реакциите на луѓето.
„Беше тажно, беше вознемирувачко. Никој не сакаше ни да ме погледне бидејќи изгледав како да имам вишок килограми. Се чувствував понижено“.
Love Actually (2003)
Додека филмот е популарен и денес, дури и најголемите фанови го критикуваат ликот на актерот Ендру Линколн.
Тој глуми маж кој е вљубен во сопругата на неговиот најдобар пријател (Кира Најтли).
И, во скоро сите сцени е прикажан како ја гледа нивната свадба и делува како да ја демне, за на крај да отиде во нивниот дом и да ја изјави својата љубов.
Подоцна и самиот актер изјави дека со колегите не биле сигурни дали е во ред она што се случува.
„Го прашав и режисерот – зарем не мисли дека преминуваме граници со таа сцена?“
Кира Најтли, пак, ја опиша сцената како малку морничава.
Friends (1994 - 2004)
Вреди да се спомене и врската на Моника и Ричард од хит-серијата Friends.
Покрај тоа што е 21 година постар од неа, Ричард е и најдобар пријател на нејзиниот татко.
Моника, пак, одела во исто училиште со ќерка му на Ричард, па целата љубовна приказна е по малку морничава.
Bridget Jones’s Diary
Главната шега во популарниот филм од 2001 година се вишокот килограми на Бриџит Џонс.
Но, кога ќе погледнете подобро, ќе сфатите дека Бриџит е всушност згодна.
Покрај тоа, таа почнува афера со нејзиниот шеф (Хју Грант)
Во неодамнешно интервју, Рене Зелвегер и Хју Грант зборуваа за првиот филм.
„Дали мислиш дека првиот филм е застарен? На пример, романсата меѓу нашите ликови, дали мислиш дека луѓето би ја гледале како контроверзна?
Тoј е нејзин шеф и ја експлоатира неговата моќна позиција. Што мислиш за тоа?“, ја праша актерот колешката.
Рене, пак одговори:
„Па, мислам дека денес би имало построги правила за тоа дали ќе се објави филмот. Денес сигурно би имало состанок во фирмата зa да се дискутира за нивната врска“.
Спирова С. | Црнобело