„Одвратен е, но ми се допаѓа“: Зошто сите се згрозени од новиот филм на Деми Мур, а сепак го препорачуваат?
The Substance e нов филм со Деми Мур во главната улога кој критичарите и јавноста го опишуваат како највознемирувачки од поново време, но истовремено го препорачуваат.
Новиот филм на Деми Мур, насловен The Substance, премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во мај годинава.
На фестивалот, филмот освои награда за најдобро сценарио, а доби и позитивни критики од врвни филмски критичари.
Од неодамна, филмот се прикажува во киносалите ширум светот, па и јавноста почна да го споделува своето мислење.
Скоро сите го опишуваат како „највознемирувачкиот филм од поново време“, но истовремено и го препорачуваат, барем за оние кои можат да издржат да го изгледаат до крај.
Имено, филмот изобилува со вознемирувачки и насилни сцени кои дефинитивно не се за луѓе со „слабо срце“.
Но, според многумина, филмот е поучен и прикажува како се чувствуваат жените во врска со стареењето, особено оние кои работат во забавната индустрија.
Главниот лик е 50-годишната актерка Елизабет (ја глуми Деми Мур) која иако била успешна, па освоила и Оскар, практично останува без работа поради возраста.
Бидејќи е депресивна за својата кариера, одлучува да искористи супстанца (The Substance) која ќе направи помлада и посовршена верзија од неа.
Со оваа супстанца, Елизабет создава свој совршен и помлад двојник, но набрзо почнуваат да се презираат една со друга.
Во продолжение трејлерот за филмот:
Според IMDb, дел од вознемирувачките сцени вклучуваат:
- Самоповредување.
- Неколку сцени со трансфузија на крв.
- Еден лик му го шие грбот на друг и одблизу е прикажано кога иглата ја прободува кожата, а сцената трае долго.
- Бројни вознемирувачки сцени како вадење заби (без анестезија).
- Има сцена со отсекување човечка глава која е мошне вознемирувачка.
На социјалните мрежи, оние кои го изгледале филмот го препорачуваат, но само ако сте сигурни дека можете да ги поднесете одвратните сцени.
„Помеѓу прекрасната кинематографија, одличната музика и совршените изведби на актерите, The Substance навистина има сè, но само ако можете дa го поднесете“.
„Овој филм е одвратен, одбивен и сепак го сакав. И, толку е добар што сигурно ќе биде номиниран за Оскар. Нo, дефинитивно е чуден“.
Според Daily Mail, пак, во некои кина дел од публиката си заминала пред да заврши филмот бидејќи бил премногу вознемирувачки.