„Одвратен е, но ми се допаѓа“: Зошто сите се згрозени од новиот филм на Деми Мур, а сепак го препорачуваат?
Во продолжение, спомнати се неколку спојлери за дејството на филмот.
Главниот лик е Елизабет Спаркл (Деми Мур), актерка чија кариера се движи во надолна линија.
Во минатото освоила Оскар, а има и ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд, но изминатите неколку децении работи како водителка на емисија за фитнес.
На 50-тиот роденден, таа добива отказ бидејќи продуцентот на нејзината емисија смета дека е премногу стара, па сака да ја замени со помлада водителка.
Елизабет доживува сообраќајка и додека лежи во болница, млад болничар вели дека таа би била добар кандидат, но не кажува за што.
Потоа, болничарот ѝ дава на Елизабет УСБ стик потпишан „Супстанцата“ (The Substance).
Дома, Елизабет открива дека на УСБ стикот има видео кое објаснува што е „супстанцата“ – некаков лек кој активира биолошки процес со кој луѓето можат да создадат подобра, посовршена верзија од себе.
Најпрво, Елизабет не сака да ја проба супстанцата, но бидејќи е депресивна за нејзината кариера, сепак ја нарачува.
Таа добива епрувета со жолтозелена течност која треба да си ја инјектира.
Според упатството за употреба што го добива, откако ќе ја инјектира супстанцата и ќе се трансформира, на секои седум дена, Елизабет мора да се врати во својата првобитна форма.
Но, не е нагласено што ќе се случи ако не го направи тоа.
И, овде почнуваат првите вознемирувачките сцени.
Елизабет си ја инјектира супстанцата, нејзиниот грб се распорува и од неа буквално излегува нејзина помлада и посовршена верзија (која ја глуми Маргарет Квали).
Оригиналната Елизабет (Деми Мур) останува на подот неподвижна, додека нејзината помлада верзија ѝ става интравенозна инфузија со хранливи материи за да ја одржи во живот.
Но, во инфузијата има доволно хранливи материи за само седум дена.
Помладата верзија, која се претставува како Су, оди на аудиција за емисијата на Елизабет и ја добива работата.
Во меѓувреме, Су еднаш дневно треба да си инјектира течност од ’рбетот на Елизабет за да се „стабилизира“. Во спротивно, чувствува симптоми како течење крв од носот и главоболки.
Елизабет и Су почнуваат да се презираат една со друга.
Кога оригиналната Елизабет ја има контролата (на секои седум дена), таа повторно е депресивна, пие алкохол и се прејадува, додека на телевизија ја гледа својата помлада и поуспешна верзија, односно Су.
Кога, пак, Су е активна, кариерата ѝ се движи во нагорна линија, но почнува да мисли дека седум дена не се доволно за да напреднува.
И, почнува да ја мрази Елизабет бидејќи „ѝ го троши времето“.
Одовде насилството и вознемирувачките сцени се зачестуваат, а дејството кулминира со трансформацијата на Елизабет во нешто што повеќе личи на чудовиште отколку на човек.
Спирова С. | Црнобело