Партизанска никогаш потивка - Молк и тага за уште еден изгубен млад живот
- Детали
- петок, 31 јануари 2025
Срцето ви се кине од сликата пред вас - мајки со бебиња кои не сакаат истото да се случи и на нивните деца, соученици на Фросина, средношколци, пензионери. А во целата таа толпа, траорна тишина и шепот, за да не се наруши мирот на Фросина, која денес ќе биде погребана.
И покрај илјадниците Македонци кои денес во 13 часот излегоа на протест на местото каде што пред два дена беше прегазена Фросина Кулакова (22), булеварот Партизански одреди никогаш не бил потивок.
Тажни лица, солзи, празни погледи и наведнати глави и на оние кои ја знаат, но и оние кои до вчера не слушнале за Фросина - сите дојдоа да ѝ оддадат почит на младата девојка која трагично, предвреме го загуби животот, но и да кренат глас за правда.
Гледате наоколу, а срцето ви се кине од сликата пред вас - мајки со бебиња кои не сакаат истото да се случи и на нивните деца, соученици на Фросина, средношколци, пензионери.
И во целата таа толпа, една траорна тишина и шепот, за да не се наруши мирот на Фросина, која денес ќе биде погребана.
Дури и пораките на револт се носеа мирно, преку транспаренти.
„Не е Партизанска проклета, проклети сте вие“, „Секој еден од нас е Фросина“, „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Гајле ни е чиј син е, и таа е нечија ќерка“ - се дел од нив.
И сите се напишани со надеж дека тоа што ѝ се случи на Фросина на кобниот 29 јануари, тоа што ѝ се случи на Фросина Цековска на истата таа раскрсница на 3 април 2015 - веќе никогаш нема да се повтори.
Повеќе фотографии од протестот на Партизанска:
А. Ј. | Црнобело / фото: Редакција CRNOBELO.com