Воздржете се од зли коментари oд типот: „Што барале мајки на концерт“ – Каде ќе ви оди душата?

Додека цела Македонија е сплотена во тага по трагедијата која сите ги зави во црно како никогаш досега и болката ја чувствуваме како за свои луѓе, за жал има и такви кои се дното и трулоста на ова општество. Пишуваат коментари со осуда и клевети за жртвите, лажно се претставуваат како семејство на жртви и прават измами за пари... Каде ќе ви оди душата?

vozdrzhete-se-od-zli-komentari-shto-barale-majki-na-koncert-kade-kje-vi-odi-dushata-01.jpg

Деновиве социјалните мрежи се преплавени со апели за помош, со пораки од хумани македонски граѓани кои тагуваат со семејствата на жртвите, но на секој можен начин се обидуваат да помогнат колку што можат, до последен атом енергија. Или, ако не можат да направат ништо, барем молчат... И тоа е доволно, засега. 

Државите од регионот, па и подалечните земји, се понудија и помогнаа на пациентите со хоспитализација, а соседските народи се кренати на нозе и се ставаат на располагање со свои капацитети за помош на семејствата на повредените, додека во меѓувреме со собири со молк им оддаваат почит на настраданите.

Во оваа голема трагедија, сепак еден мал зрак светлина се сите овие херои и луѓе кои заборавија на сè останато и сето зло, а се посветија само на солидаризација, сплотеност, хуманост и молитви.

vozdrzhete-se-od-zli-komentari-shto-barale-majki-na-koncert-kade-kje-vi-odi-dushata-03_copy.jpg

Но, во морето предобри луѓе, за жал, секогаш се наоѓаат и оние кои како да се направени од камен, кои секогаш имаат да кажат нешто лошо, злобно, како во душата да немаат грам емоција освен осуда на секоја можна тема, како тие да се најдобри и најправедни...

Па не само што низ главата им поминаа зли мисли, туку се осмелија и си дадоа за право да напишат јавно коментари за невините души кои го загубија животот во пожарот.

Како да нивните ставови некој ги побара и семејствата на починатите треба да ги прочитаат нивните зајадливи мисли.

Кои сте вие да ги осудите луѓето и да кажете каде требало да бидат и да се дрзнете да ги „обвините“ за нивната трагична судбина со тоа што биле на местото на несреќата?

Во пожарот настрадаа и луѓе кои воопшто не беа присутни на настанот, а дојдоа да помогнат на своите блиски и во обид да ги спасат нив, го изгубија својот живот или се борат за него. Зарем и за нив имате да кажете нешто? 

Секој го живее животот на свој начин и има право на избор, а вие не сте тие кои треба да шират јавно омраза, да клеветат и да осудуваат нечиј избор. 

Молчете... Оставете ги нивните души и споменот за секој еден од овие 59 луѓе на мир.

vozdrzhete-se-od-zli-komentari-shto-barale-majki-na-koncert-kade-kje-vi-odi-dushata-04.jpg

И професорката Татјана Алексиќ се огласи на оваа тема и на Фејсбук напиша:

„Не долевајте оган врз живите рани на родителите со коментари од типот: „што барале малолетни деца на концерт или мајки со мали бебиња".

Барале радост! Да било безбедно, среќни ќе се врателе дома после концертот на омилениот бенд во мало место каде што ретко има концерти... Тихувајте, барем дур се упокојуваат“.

vozdrzhete-se-od-zli-komentari-shto-barale-majki-na-koncert-kade-kje-vi-odi-dushata.jpg

За жал, освен на овие зли коментари, деновиве сме сведоци и на измамници без грам емпатија, кои се осмелија да се претстават како членови на семејство на настраданите, со цел да изнудат пари од Македонци кои живеат во странство и сакаат да помогнат на ожалостените семејства.  

Зарем треба човек да се запраша дали хуманото дело што го прави ќе помогне навистина на оној кому е потребно? Очигледно да... На целиот хаос, уште тоа е потребно, да не знаеме кому да веруваме. 

Во време на ваква трагедија и црни денови, кога социјалните мрежи се без контрола, секој треба да биде барем малку одговорен за сопствените постапки со кои нанесува уште повеќе тага и болка во целиот овој хаос.

Па доколку самите не сте свесни што треба да правите, придржувајте се до некои непишани правила за онлајн однесување во овие денови на огромна жалост:

- Не објавувајте на социјалните мрежи вознемирувачки содржини од трагедијата – имајте почит кон семејствата и блиските на оние кои се засегнати

- Воздржете се од погрдни зборови и препукувања, независно дали тоа е за некои од настраданите, за нивните семејства, за осомничените или кој било друг инволвиран во случајот – не сте вие тие кои треба да создаваат јавно мислење од чаршиски муабети за кои не сте ни сигурни дали се точни

- Не ширете дезинформации за повредени и починати лица, ниту за тоа дали бројката е вистинска или не - дури и ако мислите дека некој ви кажал сигурна информација – не ја ширете јавно додека не е потврдена од семејствата или надлежните

- Не објавувајте и препраќајте фотографии од повредени, жртви или од ожалостени членови на семејствата кои сте ги добиле на каков било начин, бидете солидарни

- Пред да споделите некоја фотографија или информација за помош, проверете колку е стара, дали можеби има промени во ситуацијата, дали има потреба да ја споделите и да направите повеќе хаос отколку да помогнете, бидејќи видовме сè - од лажни вести за жртви, до измислени повици за помош и обиди за измама

- Не објавувајте фотографии од тоа што сте јаделе и пиеле, каде сте биле во кафеана, каде сте шетале – издржете барем додека да поминат деновите на жалост, моментално вашето уживање е неважно, кога толку невини млади деца го изгубија правото на тоа

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело / фото: генерирано со AI

Би можело да ве интересира:

Македонка со силна порака: „Зимава трипати бевме болни со децата - кога телото ми откажуваше, сфатив... „Како мајка на мали деца, очекувано ти е да има вакви епизоди. Но, признавам, не...
Вирален статус на Македонка против сите што шират предрасуди: „Вработена, а бара помош – како не ѝ е... „Не смее да пие кафе, не смее да има другарки, од каде пари за кафе, уште малку ...
Мали хероини: Уште 2 предвремено родени бебиња се изборија за животите (едното родено со тежина од 5... Малата Амела била родена со тежина од само 550 грама во 6-иот месец од бременост...
Денис, соработник на ДНК: „Ах бе, браќа мои, срцето ми се корне - корупцијата ми ја зема фамилијата“ „Срцето ми се корне, душа не остана. Андрејчо мој, постар брат, татко. Никогаш н...
Македонски познати личности кои ја кријат љубовта од јавноста Додека некои македонски парови јавно ја искажуваат љубовта, објавуваат фотки од ...
Иле - возачот на Итната помош од Кочани е нашиот херој среде оваа темнина: „Горди сме што те имавме!... „Што да се напише за тебе е премалку. Човек планина, човек со срце, душа човек к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg