Браво! Златко Јаќовски го развиори македонското знаме на четвртиот највисок светски врв: „Бев единствениот што стигна до целта“
- Детали
- среда, 29 мај 2024
„Подготовките за искачувањето на Лоце траеја околу еден и пол месец, со тоа што во првата половина се прави аклиматизација и телото се прилагодува на тие надморски висини“, вели проф. д-р Златко Јаќовски за CRNOBELO.com, откако го искачи четвртиот највисок врв во светот.
Планинарот високогорец Златко Јаќовски, кој е член на скопскиот планинарски клуб Х2О, се искачи на четвртиот највисок врв на светот, Лоце, кој се наоѓа на Хималаите, на надморска височина од 8.516m.
Ова е втор врв над 8.000m кој Јаќовски успеал ги искачил досега.
Овој професор доктор по судска медицина има уште еден голем предизвик, а е цел на многу планинари високогорци.
Предизвикот се нарекува 7 Summits Сhallenge, а целта е да се искачат седумте највисоки светски врвови на седумте светски континенти.
За тоа што се случуваше на самото искачување на Лоце, Златко раскажа накратко за CRNOBELO.com:
„Ова ми е втор искачен врв повисок од 8.000m, откако лани го искачив Монт Еверест, чија надморска висина е 8.848m.
Освен тоа имам искачено уште три врва повисоки од 6.000m и тоа Ама Даблам, Ајланд Пик и Лобуче Ист.
Оваа година решив да го искачувам Лоце, кој е четвртиот највисок врв во светот.
Искачувањето беше во организација на агенцијата Asian Tracking, која е најстара агенција за експедиции тука на Хималаите.
На Лоце се искачив само јас, иако имаше пријавено уште тројца, но тие не успеаја да се качат поради други околности - едниот поради замор, другите се откажаа поради временските услови.
Подготовките за искачувањето траеја околу еден и пол месец, со тоа што во првата половина се прави аклиматизација, односно се прилагодува телото на тие надморски висини.
Oколу 30 април се спуштивме на 3.900m на таканаречена oxygen therapy, процес каде што телото се регенерира од недостатокот на кислород.
Чекавме добри временски услови и на 16 мај тргнавме кон врвот, со тоа што јас се искачив на 20 мај, без никакви проблеми - ни здравствени, ни физички, ни ментални.
Ова го кажувам од причина што не зависи само од силата, туку од целокупниот психофизички склоп зависи колку успешно ќе се искачуваат овие врвови.
Во тек е и завршување на мојот проект 7 Summits Сhallenge, односно искачување на седумте највисоки врвови на секој еден континент.
Досега имам искачено 5 и ми останаа само уште два, Винсон Пик и уште еден врв во Австралија како резервна варијанта, бидејќи Карстен Пик во Индонезија е веќе неколку години затворен заради немири“.