Маринела Николоски: „Се породив во државна болница во Германија, кај Германците по 20h светилките се исклучени“
- Детали
- недела, 26 јануари 2025
„Живееме во гратчето Хилдризхаузен и сме на 20km од центарот на Штутгарт. Тука е целата индустрија и познатата фабрика Mercedes-Benz. За здравството немам поплаки, се породив во државната болница во Боблинген и сè беше на високо ниво“, споделува Маринела Николоски (30) oд Прилеп за CRNOBELO.com.
Маринела Николоски (30) oд Прилеп живее во Хилдризхаузен Германија, со синот Димитриј (3) и сопругот Александар (38).
Нејзиниот сопруг е таму 6 години, а таа веќе 4, иако и претходно одела туристички.
Во местото каде што живеат вели дека стандардот е висок и живеат претежно Германци.
За CRNOBELO.com Маринела споделува:
Зошто токму Германија? Од каде оваа идеја и колку години живеете таму?
Размислувавме долго и сфативме дека моментално од аспект на здравство, образование, економија, култура ни се виде како најдобра опција во Европа (за подалеку и не размислувавме).
Живееме 6 години, односно мојот сопруг е цели 6 години, јас официјално со документи 4 години, но 3 пати имав дојдено како турист во тие 2 години кога живеевме разделени.
Каде поточно живеете? Зошто токму тој град? Најдовте ли лесно работа?
Ние живееме во малото тивко гратче Хилдризхаузен, во кое претежно живеат Германци, во Република Баден-Виртемберг — сојузна покраина во југозападна Германија, источно од горниот тек на реката Рајна.
Ова е трета по големина покраина (по површина и по население) од вкупно шеснаесетте покраини, со површина од 35,742km2 и 10,7 милиони жители.
Главен град е Штутгарт. Ние сме на 20km од центарот на Штутгарт.
Се одлучивме за ова место затоа што во близина живее другар на сопругот и доста пријатели од Македонија, со кои се дружиме и на почеток многу ни помогнаа (со пронаоѓање на стан, работа, јазик и пријавување во институции).
Животот во Германија, односно во нашата република, можам да кажам е добар, чисто е, нема бездомни лица кои спијат по автобуските и железничките станици, стандардот е повисок спрема другите републики бидејќи главно тука е и целата индустрија и најмногу познатата фабрика Mercedes-Benz (која е во наша близина).
Работа тука се наоѓа многу полесно отколку стан.
Ве прифатија ли добро?
Па да, ние Македонците како народ сме добри и сме добро прифатени каде и да кажеме дека доаѓаме од Македонија.