Дедо Ѓорѓи од Радовиш наполни 100 години - Секој ден пешачи, денот го започнува со мед и млеко
- Детали
- вторник, 09 април 2024
„Тој постојано пешачи и се труди секој ден да има умерена физичка активност. Најчести продукти на неговото мени се: млеко и мед за појадок, парче месо за ручек“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Љупка Тренчева, внука на дедо Ѓорѓи од Радовиш, кој наполни 100 години.
Ѓорѓи Ангелов од Радовиш на почетокот на месецов го прослави својот 100-ти роденден, а по тој повод неговите најблиски му приредија забава во ресторан со музика и торта.
За читателите на CRNOBELO.com, неговата внука сподели некои детали за тоа како дедо Ѓорѓи го поминува денот и што е она што тој вообичаено го прави.
Роден на 2-ри април 1924-та година во село Колешино, струмичко, дедо Ѓорѓи бил учесник и во НОБ, а денес е горд татко и дедо на 4 ќерки, 8 внуци и 14 правнуци.
По повод неговиот 100-ти роденден најблиските се собраа и одлучија да му ја исполнат желбата и да му направат забава во ресторан, со музика и торта, а на која присуствуваа 87 гости.
„Прославата имаше и програма со доделување на признанија и благодарници од страна на претседателот на Сојузот на борците на општина Радовиш и Конче, како и претседателката на пензионерите на општина Радовиш“ – појасни во изјава за CRNOBELO.com, внуката на дедо Ѓорѓи, Љупка Тренчева која ја имала таа чест да ја отвори програмата на забавата и да биде водител.
Инаку Дедо Ѓорѓи живее во иста куќа со неговата внука Љупка, која му помага секојдневно, но како што вели таа, тој е здрав и витален дедо, кој се движи сам и е независен финансиски, затоа што е пензионер.
Ја прашавме Љупка како вообичаено изгледа еден ден на дедо Ѓорѓи, која е неговата тајна за долговечност, на што таа накратко ни одговори:
„Тој постојано пешачи и се труди секој ден да има умерена физичка активност. Најчести продукти на неговото мени се: млеко и мед за појадок, за ручек задолжително парче месо (најчесто со ориз, или манџа со месо), а навечер задолжително консумира цедено или мелено овошје, или како што тој го нарекува – ‘топ шоп’“.
Љупка за читателите на CRNOBELO сподели и повеќе фотографии од прославата на 100-иот роденден на дедо Ѓорѓи.
Во продолжение погледнете повеќе фотографии од роденденската прослава на дедо Ѓорѓи:
Поттикнати од пораката на новата иницијатива на Македонски Телеком „Да направиме место за вистински да се поврземе“, којашто поттикнува отвореност и меѓусебно разбирање, за што говореше и Горан Стефановски, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за добри вести и приказни кои инспирираат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





