Браво! Наставничка од Негорци направи модна ревија со модели што основците сами ги изработија
- Детали
- петок, 17 мај 2024
Преслатки девојчиња од основно училиште позираат во моделите што сами ги изработиле. Гордоста е видлива и на нивните лица, а нивната наставничка не го крие задоволството од креативниот проект што успеале сами да го изработат.
Нов проект на наставничката од Негорци, Анамарија Митриќеска К’лчева. Таа пред две години стана хит откако го декорираше училиштето „Ристо Шуклев“ во Негорци, каде што работи, и стана препознатлива по декорацијата на училиштните скали со правописните правила што секој треба да ги знае.
Под нејзино менторство, а со помош и на колегите, директорката на училиштето и родителите, дечиња од 6-то до 9-то одделение сами изработија разиграни здолништа и модели кои ги презентираа на посебна модна ревија организирана по повод патронатот на училиштето.
„Модната ревија беше во склоп на патронатот, кој секоја година изобилува со прекрасна програма од драмската секција, хор и оркестар.
Ова е едно училиште со професионален кадар, од техничкиот персонал, наставниците, директорката, впрочем сè е усогласено и сè функционира со разбирање, што е клучно за развојот на децата и за реализација на поголеми проекти“ – вели таа во изјава за CRNOBELO.com.
Таа појаснува дека на модната ревија се работело подолг период, а во изработката освен вработените во училиштето и учениците, биле вклучени и други лица, кои помогнале сѐ да изгледа совршено.
„За модната ревија имаме 9 модели, а на секој модел работеа по 4, 5 ученички од 6-то до 9-то одделение, 2 месеца.
Сами ги скроивме, па oдозгоре на скроените здолништа, ја одбиравме темата, а девојчињата од сите одделенија од 6-то до 9-то прво ги цртаа, па потоа ги сликаа со акрилни бои.
Секретарката на училиштето, Елизабета Нанчева, исто со огромно задоволство ги соши здолништата и посебно тулот, кој им дава богат ефект, а беше дониран од советот на родители и од моја другарка.
Од голема радост, но и бидејќи немавме доволно време, зедов и дома да довршам некои делови од моделите.
Мајка ми ги пронајде најубавите ланчиња и капи кои сме ги купувале низ годините и направивме интересни комбинации. Мојот сопруг, како професионален фотограф, направи фотосесија во дворот на училиштето.
Сите бевме вклучени на некој начин, па кога се работи сложно и со љубов, резултатите не можат, а да не бидат прекрасни“ – вели таа.
На крај, напорната работа вродила со плод, а наставничката не ги крие задоволството и гордоста од она што нејзините ученици успеале да го направат.
„Беше прекрасно да го гледам задоволството на децата додека ги изработуваат моделите, посебно моментот кога веќе беа готови, па дојде време да се облечат и да се подготват, да учат да се движат.
Пуштивме музика, а во ходникот направивме и писта, многу интересно, како да го разигравме целото училиште.
Музиката за модната ревија беше електрична виолина, а самите здолништа се глок здолништа, што дозволува многу интересен и разигран сценски настап“ – раскажа наставничката.
Инаку, Анамарија е позната по нејзините креативни проекти што ги изработува заедно со своите ученици.
Под нејзино менторство училиштето беше декорирана со практични декорации што истовремено го разубавија просторот, но им помогнаа на учениците да ги запомнат најважните работи, а редовно има креативни идеи и за сите поважни настани во текот на учебната година.
Таа студирала во Фиренца и Солун, а денес живее во Гевгелија, каде безрезервно го споделува своето знаење и искуство што го стекнала на престижните универзитети.
Погледнете ги и останатите модели од модната ревија:
Прочитајте и „Студирав во Фиренца, а љубовта ме однесе во Гевгелија“ – Креативната наставничка од Негорци, која стана хит со декорацијата на училиштето
Б. С. Б. | Црнобело