Елена од Струмица ја донираше косата за лица кои ја изгубиле својата: „Ја чував 2 години, сакам да израдувам некој“
- Детали
- петок, 28 февруари 2025
„Косата ја донирав кај Сашка, која, како што дознав преку статија на CRNOBELO.com, се занимава со изработка на перики од природно влакно. Мојата коса е густа и здрава, па решив да ја искористам за да донесам радост на некој кој на кој било начин ја изгубил“ - ни раскажа Елена од Струмица, која кратко откако нè контактираше ни испрати фотки од косата која ја донирала.
Елена Костова (37) од Струмица, дипломиран економист, која ужива во улогата на мајка и сопруга, секогаш имала голема желба да донира коса за да се изработи перика за лица кои ја изгубиле својата коса од која било причина.
Во статија на CRNOBELO.com таа дознала за девојка која кај нас изработува перики и нè контактираше за да ја поврземе со неа и да може да си ја исполни својата желба, а воедно да усреќи некого.
Кратко по контактот, таа ни испрати фотографии дека ја скратила и донирала својата коса и ни раскажа за нејзиното искуство.
Елена за CRNOBELO.com споделува:
„Имав голема желба да донирам коса и одлучив тоа да го направам кога последен пат ја скратив. Тие две години ја негував внимателно, ја чував од оштетување.
Мојата коса е густа и здрава, па решив да ја искористам за да донесам радост на некој кој на било кој начин ја изгубил.
За да се донира коса, должината на репот или плетенката треба да биде над 30сm, а косата да биде природна.
Но, во последно време се дозволува косата да биде и фарбана, бидејќи периките се изработуваат врз основа на тоа каква била бојата на коса на лицето за кое се прави периката.
Овој потег за мене претставува голем подвиг, бидејќи беше предизвик да одржувам толку долга и густа коса, но истовремено, чувствував радост што ќе можам да ја подарам.
Со овој потег не сакам да се експонирам во јавноста, туку да ги поттикнам другите да ја донираат својата коса, да бидат упорни во растењето и да донесат радост на некој кој ја изгубил својата.
Косата ја донирав кај Сашка Кузманова, која, како што дознав преку статија на CRNOBELO.com, се занимава со изработка на перики од природно влакно.
Се надевам дека ќе успеам повторно да ја пораснам за да ја донирам пак. Голема благодарност и до мојот фризер Марко, кој успеа да го извади максимумот од косата за донација, а јас сепак добив супер фризура“.
Прочитајте повеќе: Сашка, хумана кавадарчанка: „Една перика изработувам цел месец, сум донирала и на 7-годишно девојче болно од рак“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





