Браво: Дечиња од Гевгелија сами изработија групна маска – се маскираа во уметничка слика
- Детали
- петок, 31 март 2023
„Дечињата работеа околу 2 часа, прскаа со четки, со шприцови, со сунѓери, боеја со рачињата, истураа директно од чашките и садовите со боја… Се забавуваа“ – со овие зборови наставничката Анамарија Митриќеска – Кал’чева од Гевгелија раскажува како се одвивал процесот во кој третодделенци од Гевгелија сами ја изработија маската со којашто денес продефилираа низ нивниот град.
Наставничката од Гевгелија, Анамарија Митриќеска – Кал’чева која минатата година ја воодушеви македонската јавност со тоа што го декорираше училиштето во коешто работи така што целиот простор доби едукативна функција, сега, за време на активностите по повод 1-ви Април имаше генијална идеја за тоа како да се маскираат дечињата од одделението на нејзиниот син.
Додека многумина избираат да се маскираат во животинчиња, фудбалери, ангели или пак на себе да носат купени маски, учителката имала генијална идеја како нејзиниот син и соучениците од неговото одделение, сами да си изработат групна маска, којашто е уникатна.
Околу 20 дечиња од третто одделение во ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија со помош на родителите и наставничката Татјана Илин сами ја изработија групната маската, насловена „Мојата фантазија“.
Дечињата работеле на отворен простор, твореле и си играле со бои.
„Сите од дома однесовме по еден бел чаршаф, најпрво ставивме најлони, ги наредивме чаршафите над нив, претходно имавме подготвено пластични садови со поликолор и различни тонови, па така фантазијата почна.
Дечињата работеа околу 2 часа, прскаа со четки, со шприцови, со сунѓери, боеја со рачињата, истураа директно од чашките и садовите… Се забавуваа. Секое дете работеше на сите чаршафи...
На крај откако се исушија секој си го зема дома својот чаршаф и над веќе исушената боја го доправи со темперни, фломастери и сè што може да се искористи“ – вели во изјава за CRNOBELO.com наставничката Анамарија Митриќеска – Кал’чева.
Денес, младите уметници продефилираа во нивните маски на „Априлијадата“ што се одржа во нивниот град, и сите заедно беа една „голема уметничка слика“.
Погледнете повеќе фотографии во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело