Славчо Попоски, метеоролог: „Ќе имаме топла пролет, но можни се и временски непогоди со град“
- Детали
- понеделник, 01 април 2024
„Оваа пролет ќе имаме многу топли денови, често ќе имаме и натпросечно високи температури и ќе бидеме под влијание на јужните топли струења“, вели метеорологот Славчо Попоски.
За разлика од лани, годинава топите денови пристигнаа порано, а релативно топло време можеме да очекуваме во текот на целата пролет.
Сепак, повремено ќе има услови за непогоди, како град и силен ветер.
Прогнозата на метеорологот Славчо Попоски за оваа пролет:
„Во текот на оваа пролет големи се условите за позитивно отстапување на температурите во нашиот дел од европскиот континент, односно условите за позитивно отстапување на температурите на 2 метри висина се дури за 60% до 70% за остварување.
Оваа пролет ќе имаме многу топли денови, често ќе имаме и натпросечно високи температури како што погоре напомeнавме и ќе бидеме под влијание на јужните топли струења.
Што се однесува до врнежите, тие ќе бидат околу, или над просекот. Тоа значи дека како ќе се загрева атмосферата со топлото време и со сè повисоките температури на воздухот, така ќе се создаваат сè поголеми услови за формирање нестабилни атмосферски процеси, односно грмотевични облаци.
Оваа пролет повремено очекуваме и временски непогоди со појава на град и силен ветер.
Поради тоа што се работи за долгорочна и сезонска анализа на времето за период од 3 месеци, секако дека се можни отстапувања или промени во временската состојба.
Затоа нашите граѓани најдобро е редовно да ги следат нашите краткорочни анализи на времето кои секојдневно ги објавуваме преку МетеоАларм, и истите се со можност за остварување за повеќе од 90%“.
Спирова С. | Црнобело
фото: freepik.com, Фејсбук