Тијана Дапчевиќ: „Тоше беше ангел на земјата, Господ си го зеде за да му пее на небото“
- Детали
- вторник, 09 јули 2024
„Во средно Тоше свиреше на кларинет. Еден ден татко ми дошол на натпревар во училиштето, го слушнал како свири и го прашал дали знае да пее. Тоше запеал, по што татко ми му рекол на неговиот татко Никола: ‘Нека го фрли кларинетот, ова дете треба да пее, не да свири’“ - Тијана неодамна раскажа анегдота која ја знаат малкумина.
Тијана Дапчевиќ неодамна гостуваше во емисијата „Balkan Rules“.
Нашата пејачка, и сè почесто актерка, во подкастот зборуваше за многу теми, а меѓу муабетите, неизбежен беше и оној за Тоше Проески и пријателството на двајцата музичари.
„Тоше беше човек кој не пееше само кога спиеше. Него Бог, Создавателот, си го зеде горе за да му пее. Јас немам друго објаснување.
Тој беше ангел на земјата. И навистина можеше да испее сè. Јас бев исфрустрирана секогаш кога ќе се најдевме во некој заеднички простор, а тој ќе почнеше да пее.
Си викав: ‘Добро, зарем е можно и ова да можеш да го испееш?’.
Пееше од оперски арии, италијански канцони, преку најлошите турбофолк песни... за севдалинките да не коментирам, ниту за македонските народни песни“, вели Тијана.
Но, пејачката раскажа и анегдота која ја знаат малкумина, а е поврзана со Тоше и нејзиниот татко Велко Тодевски, инаку музичар и некогашен професор по контрабас.
„Кога учеше во средно музичко, Тоше свиреше кларинет, не знам дали знаеш. Тој одеше во школо во Битола, на вокално инструментален отсек.
Еден ден татко ми дошол на некаков натпревар во училиштето, мислам дека било некое републичко натпреварување, и го слушнал Тоше како свири на кларинет.
Го прашал: ‘А знаеш ли да пееш?’. Тоше запеал, и татко ми му кажал нему, ама му се обратил и на Никола, таткото на Тоше и му рекол: ‘Нека го фрли кларинетот веднаш, ова дете е пејач. Ова е ерес. Детето треба да пее, а не да свири на кларинет’.
Ретко кој го знае ова, дека татко ми бил еден од иницијаторите за Тоше сериозно да почне да се занимава со пеење“, вели Тијана.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело