Магдалена Трајкоска: „Го победив ракот трипати, најголема поддршка ми е сопругот, а позитива - моето кутре Луна“
- Детали
- недела, 09 април 2023
Магдалена Трајкоска (34) од Скопје е пример за херојска истрајност, триумфално извојување на војна со три битки, и радосен, насмеан и распламтен дух. За CRNOBELO.com таа ни раскажува за нејзините три тешки борби со ракот. Првиот пат добила рак на дојка, вториот пат рак на црн дроб, и третиот и последен рак на карлица. Нејзината приказна е пример за тоа како среќата и ведриот дух помагаат за победата на ракот; и како после толку удари од животот, некој може да се крене во новонајдена среќа, радост и мир.
Магдалена Трајкоска, која трипати го победи ракот, отворено говори за своите животни битки за CRNOBELO.com.
Магдалена, твојата приказна ни покажува како е да се биде истраен борец, ни покажува како успешно да одговориме на животните предизвици... Како твојата дијагноза влијаеше врз тебе и твоето семејство?
Мојата животна приказна е како лепеза од случувања. Во тинејџерските години се соочив со вест која ме уништи, мислев дека е крајот на мојот живот. Мојата мајка се разболе од карцином.
Не можев да се помирам и да верувам дека тоа ни се случува нас.
Мојот став тогаш беше дека јас не би можела да ја издржам таа болест. Но ете, живот како живот, полн со многу стресови и шокови. Најголемиот шок беше што потоа следуваше смртта на мојот татко, кој мислам и верувам дека некако придонесе да ми се активира канцерот кај мене.
Беше време кога се прогласи пандемија поради Ковид-19 вирусот. Почнав да чувствувам грутка на десната града. Нешто од внатре почна да ми кажува дека ме стигна најлошото на само 32 години.
Итно појдов на лекар и се воспостави дека станува збор за 4 тумори. Направивме биопсија која покажа дека е најголемото зло.
Тоа беше период кога мојот брат се лечеше од тромб на белодробното крило – па би можеле да го замислите сиот тој шок. Мојата мајка беше изгубена и не знаеше каде да оди попрво.
За моја голема среќа, до мене беше мојот сегашен сопруг. Тоа беше и периодот кога јас појдов и на психијатар, што и до ден денес ми помага со секој изоден чекор.
Која е најзначајната промена што ја гледаш кај себе сега кога ги победи сите борби со ракот? Пример, за мене беше поголемото чувство на борбеност и истрајност. Како е кај тебе сега?
Можеби за многу луѓе и борци ќе звучи глупаво и себично, но имам сопруг кој издржа и издржува сѐ покрај мене и неизмерно сум му благодарна. Имам прекрасна мајка која ми е голем пример, брат и снаа, и секако целото семејство на сопругот.
Но сепак, борбата е само моја. Станав поборбена во животот и поиздржлива. Знам сега како умешно да се борам, и знам како да постапам ако се случи нешто лошо. И секако, во мене сега има нова желба за живот и потреба за насмевка и радост.
Кај многу луѓе хемотерапијата влијае различно. Се сеќавам кај мене хемотерапијата се карактеризираше со сите несакани ефекти, додека кај мои познаници имаше малку ефекти. Како се карактеризираше кај тебе?
Искрена да бидам, сѐ уште имам несакани ефекти, како што спомена и ти. Некои од нив траат многу долго.
За жал, кај нас во Македонија начинот на третирање и лечење се сведува само на претходно одреден „протокол“ кој можеби не е компатибилен за секој човек, бидејќи секој организам и секој човек е различен.
Мојот совет е дека луѓето треба да читаат, да муабетат со луѓе кои веќе поминале низ тоа. И преку нивните примери да се подготвуваат.
Многу често луѓето не сфаќаат дека оние кои се борат со оваа болест не се соочуваат само со физички предизвици, но и со ментални. Како оваа болест влијаеше врз твоето ментално здравје?
Додека го доживував и преживував сето тоа (првиот пат) не беше лесно да се лажам себеси, а и другите. Но, ракот повторно се појави во црниот дроб, и третиот пат на карлица. Имаше метастази насекаде, повторно хемотерапија, повторно истиот пат.
Само што ми израсна коса, повторно морав да ја избричам главата целосно. Тоа можете да замислите колку е погубително за една жена.
Тешко е сето тоа и болно е, морам да признаам, посебно за личност која е во млади години. Но, јас се трудев секогаш да бидам ведра, весела и насмеана. Понекогаш бев и лута на сѐ, но тоа е нормална емоција која се појавува кај сите луѓе кои поминуваат низ оваа болест.
Оваа болест бара јака психа.
Ракот понекогаш го става целиот живот во мирување... Кои беа едни од најголемите промени кои мораше да ги направиш поради лекувањето на оваа болест?
Не променив ништо драстично. Јас сум вегетаријанка подолго време. Јадам и пијам скоро сѐ.
Тој период си добив и еден сопствен ангел, го вдомив моето куче Луна кое е со мене во добро и во зло. Огромен љубител сум на животни и имам колку што ми овозможуваат условите.
Со какви нешта си го одвлекуваше вниманието кога се лекуваше од оваа болест? Шетање, музика, читање?
Со првата хемотерапија почнав во декември 2020 година, а во јануари ја вдомив мојата мила Луна која е мој ангел, и е повеќе од куче. Потоа почнав да ја чувам чинчилата Рики.
Континуирано бојам боенки за возрасни – што прави огромна стимулација на мозокот за некој кој прима хемотерапија. Боев колку можев и колку ми издржуваше раката поради примањето на терапијата, и секако домашни обврски.
Сакам добра музика секако, гледање на филмови со мојот сопруг и најблиски, и едноставно исполнување на времето со многу љубов, радост, смеа и среќа. Тоа ме одржа во живот.
Како те дефинираше оваа успешно извојувана борба? И кои се сега нештата кои те прават најсреќна?
Еден мој пријател после многу дијагнози и метастази ми рече „Ти си Магде трофазна за него.“ Дефинитивно потребна е јака психа, многу читање и споделување на искуства и многу, многу хумор.
Моментално сум многу среќна што и покрај долга и тешка борба сум победник и сега сум многу среќна, возбудена и благодарна што чекам внука од мојот брат.
Фокусирана сум на тоа и ги занемарувам последиците од хемотерапијата кои сепак воопшто не се лесни.
Кои се твоите планови за иднината?
Во иднина велам „како е пишано така.“ Поминав премногу и не посакувам на никого нешто вакво. Се надевам да сум жива и здрава, ако даде Господ и детенце во иднина. И секако само мир и спокој.
Многу често луѓето се утешуваат со туѓи примери, посебно примери на успешни приказни како твојата, што им влева самодоверба и сила. Што би сакала да пренесеш на некој што моментално се лекува од оваа болест?
Пред сѐ потребно е многу трпение и храброст. Оваа болест на сака психичко паѓање. Советувајте се со луѓе кои поминале низ нешто вакво, иако го слушаме спротивното.
Јадете и пијте што сакате, бидејќи нема ништо посилно од психата. Плачете, кршете, карајте се, имате право на тоа. Но и понекогаш пуштете гласно музика, ставете црвен кармин. Ние и без коса и без веѓи сме убави.
И еден совет: Никогаш не верувајте комплетно на резултатите и правете дополнителни испитувања. Бидејќи јас бев полна со метастази, но ниеден параметар не покажа дека сум болна. Потребни се детални анализи, и секогаш инсистирајте на дополнителни испитувања.
Јас стојам на располагање на секој кој сака да направи муабет на оваа тема, секогаш подготвена да помогнам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кирил Ангелов | Црнобело