Влатко Груевски, оперски пејач: „Наутро слушам поп музика или турбо фолк, 2 часа пред настап не разговарам со никого“
- Детали
- петок, 24 февруари 2023
„Последниот оброк мора да ми биде 4 часа пред настапот, а последните 2 часа не разговарам со никого, во последната концертна сезона најомилена песна за изведба ми е „Set Fire to the rain“ на Адел, а избегнувам да пијам ладна вода“ – вели во интервју за CRNOBELO.com тенорот Влатко Груевски.
Влатко Груевски (28) е наш оперски пејач кој во последно време привлекува внимание како со своите изведби на класичните оперски композиции, така и со популарната поп музика што ја пее во класичен стил.
Влатко е по потекло од Крушево, а откако завршил средно музичко образование во Битола, дипломирал и магистрирал на факултетот за музичка уметност во Скопје.
Тој во интервју за CRNOBELO.com открива повеќе детали за себе, сподели што прави за да го зачува гласот, кои се неговите утрински ритуали и што е потребно за да се изгради успешна кариера како оперски пејач.
Проследете го интервјуто во продолжение:
Од каде желбата за оперско пеење и кој музичар ти беше идол кога растеше?
Морам да споменам дека од денешна дистанца и мене ми е интересен одговорот на ова прашање.
Кога започнав да учам пеење, а воедно и музички предмети, како што се: пијано, солфеж, теорија и хармонија на музика, во просториите на тоа, ајде така да го наречам, припремно музичко училиште, доаѓаа ученици кои веќе беа длабоко навлезени во музиката и оперското пеење, па така личноста која ја слушнав како пее опера т.е ја пееше „Аве Марија“ на Бах-Шарл Гуно (како сега се сеќавам), бев воодушевен, и во тој момент одлучив дека јас ќе бидам оперски пејач, дека тоа ќе биде „моја“ музика.
Денес, таа личност ми е колешка и заедно работиме во Националната Опера и Балет во Скопје. Што се однесува до тоа кој ми бил идол додека растев, дефинитивно е незаменливиот, еден и единствен за кого верувам дека на многу пејачи им бил идол, Франко Корели, одличен тенор, за кого мислам дека е неповторлив.
Што е потребно за да се стане успешен оперски пејач?
Уф, многу нешта, искрено. Првенствено, иако верувам на читателите ќе им биде клише, но верувајте, така е, а тоа е откажување од ноќни излегувања, забави, целодневни дружби, откажување од сѐ она што претставува уживање од тој тип, бидејќи едноставно немате време.
Ви треба врмето за вежбање, учење, посветување на музиката т.е пеењето и никогаш не е доволно, потоа многу изминати километри, патување со часови до прочуени и познати професори по пеење, само да стигнете до часот кој е во траење од 45 минути, а ви проаѓа како 10 минути, но вие сте среќни бидејќи сте таму на правото место.
Неминливо е тоа дека ви се потребни вистинските луѓе и многу, многу среќа, апсолутно пред сево ова, мора да го имате она што не се учи, а тоа е музикалноста, гласот (во мојот случај) и огромната желба да успеете во тоа, како и истрајноста.
Дали некогаш си помислувал да се откажеш и да се обидеш со друга професија?
Како сега се сеќавам, кога со татко ми патувавме за Битола на полагање на приемен испит за запишување во средното музичко училиште, па само што тргнавме му реков: „Ако не се запишам, не се секирај, ќе одиме во Прилеп и во средното правно училиште ќе се запишам“, но сега кажувам дека, не, не би бил правник ако не би бил ова што сум денес.
Искрено никогаш не сум помислил целосно да се откажам од оваа професија, не поради тоа што многу сум вложил, како труд, пари, време и сл., премногу ја сакам за да можам да се откажам.
Но сум посакал од одредени проекти да се откажам и да им ставам крај, но луѓето околу мене, оние најблиските делуваат спротивно тоа, па не сум стигнал до тој степен.
Како вообичаено ти започнува денот?
Искрено не станувам многу рано, вообичаено 9-10 часот, а некогаш дури и покасно, но тоа е во зависност од обврските.
Отворам очи и прво што правам, додека се разбудам убаво, лежам уште некои 10-15 минути, а во меѓувреме проверувам телефон односно социјални медиуми и читам што имам во листата на детални обврски.
Пред да станам уклучувам музика и започнувам со утринската рутина на спремање, купатило обврски и сл.
Знам дека некои читатели ќе ги интересира што слушам додека се спремам наутро, па морам да ви признам дека тоа е поп или турбо-фолк музика, во многу емсии, интервјуа и слично, сум напоменал дека во приватен живот не ја слушам музиката која ја работам, па така овој друг тип на музика ме релаксира, опушта и ми вродува позитивна енергија, па често знам и да се разиграм сабајлечки, што резултира со позитивизам и на работа кон колегите, соработниците и сите оние кои ме опкружуваат.
После купатилото, доручкувам, некој лесен оброк, многу ретко добивам желба така наутро да готвам, се облекувам и се втурнувам во „поход“ кон обврските.
Кои се твои ритуали што задолжително ги практикуваш пред настап?
Искрено немам некои посебни ритуали, најчесто денот на настапот сакам да спијам до што е множно покасно и знаат сите дека не смеат да ме будат, сè додека сам не се разбудам, потоа е сѐ најнормално.
Последниот оброк мора да ми биде 4 часа пред настапот, а последните 2 часа не разговарам со никого, бидејќи сакам мир и тишина, а концентрацијата ми е најбитна, па така тие два часа знаат дека никој не смее да ми се јавува, прашува и разговара со мене освен ако не е нештото ептен итно и во однос на моменталниот настап.
Која е песната што најчесто сакаш да ја изведуваш?
Па искрено да кажам дека секој период т.е концерт или концертна сезона има различна композиција која што е омилена.
Можам да кажам дека „О соле мио“ е една од најбараните композиции за изведба, а во последната концертна сезона моја најомилена за изведба ми е „Set Fire to the rain“ на Адел, уживам во емоцијата на тага испреплетена со гнев и чувството на моќ што ми го предизвикува таа песна.