Марија (20) од Велес е родена со испакнати црева: „Поминав 6 операции, ме третираа како чудовиште, но успеав да се изборам“
- Детали
- понеделник, 26 декември 2022
„Од врата на врата, од клиника на клиника барав помош, но ме одбиваа бидејќи сум редок случај. Се чувствував ужасно во тој период бидејќи бев третирана како 'чудовиште'“ – раскажува за CRNOBELO.com Марија од Велес, која во своите 20 години поминала 6 операции, затоа што е родена како „бебе гастрошиза“, односно бебе со испакнати црева.
Марија од Велес е 20-годишна студентка на Педагошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, која целиот свој живот се бори со состојбата позната како гастрошиза, односно испакнати црева.
Марија говори отворено за долгогодишната борба што таа и нејзиното семејство морале да ја водат, а уште по самото раѓање оваа храбра девојка морала да помине 3 ризични операции.
Во интервју за CRNOBELO.com Марија појаснува што значи да се биде „бебе гастрошиза“, да се расте со оваа состојба, но и за тоа како нашла храброст отворено да зборува за сопствената борба и да биде мотивација за другите луѓе што се борат со ретки болести и состојби.
„Гастрошизата е дефект во формирањето на абдоминалниот ѕид, со тоа што мускулите и кожата на абдоменот не се целосно затворени и абдоминалните органи се испакнати.
Накратко кажано, јас сум бебе родено со цревата надвор, со што ретко се преживува.
Ваквата состојба веднаш мора да се оперира, а мене ми биле направени 3 операции во првите 9 месеци од животот“ – појаснува Марија.
Таа во нејзиниот живот поминала вкупно 6 операции и конечно успеала да се избори со оваа состојба, а не крие дека во деновите пред последната операција неизвесноста била голема.
„Стравот беше голем пред операцијата, но успеав. Бев пресреќна, а и подготвена за подобар живот“ – вели таа.
Со оваа дијагноза нема голем број на родени деца, а Марија е 8-мото родено „дете гастрошиза“ во Македонија.
„Досега не сум имала контакт со ниту едно дете гастришиза од Македонија, но имам контакт со други од Црна Гора, Хрватска и Србија“ – вели таа.
Додека растела, Марија заради оваа состојба се соочила со голем број ограничувања, како што вели, имало многу работи што посакувала да ги прави како сите останати деца, но не смеела поради слабата абдоминална мускулатура.
Вели дека честопати ѝ се случувало да се соочува со отфрлање од средината, а најголема поддршка ѝ била нејзината мајка која постојано ја советувала да не се срами од самата себе, туку да биде горда со тоа што е.
„Имав огромна поддршка од моите пријатели, роднини, познаници, но, без моето семејство немаше да успеам. Моето семејство ми беше најголемата поддршка. Морам да го спомнам д-р Кодовски кој секогаш беше до мене и мојот чичко Тони Диковски кој ми беше огромна мотивација“ – вели таа.
По долги години поминати во страв и неизвесност, Марија денес отворено зборува за сопствената борба и се обидува да влијае врз тоа да се поткрене свеста за оваа состојба и да се прифатат лицата што се соочуваат со неа.
- Од врата на врата, од клиника на клиника барав помош но ме одбиваа бидејќи сум редок случај. Докторите од Клиника ме отфрлија со цел дека кај нас во Македонија не постои успешна операција за мене.
Се чувствував ужасно во тој период бидејќи бев третирана како „чудовиште“.
Но, застанав храбро и гордо и решив да пребродам сè и да го споделам тоа со јавноста.
Да докажам дека поентата на секоја болка е никогаш да не се предадеме, никогаш да не попуштиме, секогаш да се бориме храбро и да чекориме исправено без разлика колку ни е трнлив патот“ – вели Марија.
За крај Марија им порачува на сите што се соочуваат со вакви и слични состојби да не се срамат од самите себе, да бидат горди на себе.
„Да веруваат во себе и само така ќе успеат. Во мислите постојано да им биде: „Можам јас, ќе успеам!“ – вели таа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело