Мери, мејкап артистка од Охрид: „Македонките прават 3 клучни грешки во шминкањето, за мене оваа работа е уметност“
- Детали
- понеделник, 19 декември 2022
„Со шминкање се занимавам 10 години, а во моето студио биле од Наташа Беквалац и Теа Таировиќ до Тамара Тодевска и Викторија Лоба и со никој сум немала проблем. Прва грешка и најголем проблем при шминкањето дома кај Македонките е користење на неквалитетна козметика, а втора грешка е нанесување на погрешни нијанси на пудра“, споделува Мери Бајрамовска, една од нашите најуспешни мејкап артистки.
Мери Бајрамовска (43) живее и работи во Охрид, магистер е во областа на туризмот, вработена на аеродром Св. Апостол Павле – Охрид како специјалист за обука, сопруга и мајка на две деца, која има визија и стратегија да твори, создава и да ги мотивира другите луѓе, а позната е како една од најуспешните мејкап артистки кај нас.
За својот успех вели дека е резултат на посветеноста во својата професија на која не штеди ниту време, ниту енергија за да стигне до целта.
Нејзиното студио „Makeup by Meri“ е препознатливо, а таа самата е синоним за автентичен, авангарден мејкап артист, кој диктира урбан и препознатлив моден правец во шминкањето, секогаш во чекор со најсвежите модни трендови, адаптирајќи ги светските модни текови на шминката кон македонскиот пазар, дисциплинирана и одговорна во својата работа.
Во интервју за CRNOBELO.com, Мери открива детали за својата професија:
Колку години се занимаваш со шминкање и во кој миг сфати дека имаш талент?
Со шминкање се занимавам 10 години.
Се сеќавам, уште како дете бев вљубена во разновидноста на боите, во цртањето, во сè она што ја претставува уметноста. Моите дланки ја имаат таа умешност да бидат креативни да цртаат на платно, едноставно, сите сме родени со некоја дарба.
Но, шминкањето - тоа е мојата прва љубов, моја пасија, тоа е за мене вистинска уметност.
Велат, уметноста е наследна и токму така е. Јас ја наследив од мојата мајка, а мојата 12-годишна ќеркичка уште од сега може да ми парира.
Шминката е мое хоби, мое сè и единствено тогаш се чувствувам своја. Бидејќи уметноста нема почеток, ниту крај.
Што значи добра шминка? Која е нејзината моќ?
Не е доволна само моќта на дланките, туку и квалитетот на производите со кои се шминкате.
Во мојот салон за убавина ќе бидете нашминкани со дел од најреномираните брендови кои се движат со репутација за иновации, софистицираност и супериорен квалитет на ниво на престиж на ултра премиум луксуз: M.A.C.-Urban Decay – Estée Lauder – Bobbie Brown – Make Up For Ever – Sephora – Lancôme. Anastasia Beverly Hills, Kiko Milano, Тhe Balm Cosmetics, Tarte Cosmetics, Too Faced и многу други брендови кои се синоним во целиот свет каде шминката претставува уметност, со кои шминкаат талентирани уметници со стил, чии дела ги красат страниците на сите водечки списанија и со кои се достигнува врвот во козметичката уметност.
Одбрав да работам со висококвалитетни фирми бидејќи сметам дека секоја жена го заслужува најдоброто.
Што се однесува до моќта на шминката, вистинскиот избор на шминка може да направи драстична разлика во изгледот на личноста, а притоа ќе ја зголеми и нејзината самодоверба.
Кои македонски и регионални ѕвезди си ги шминкала досега?
Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Викторија Лоба, Антониа Гиговска, Лина Пејоска, Андријана Петрушовска, Барабара Поповиќ, Наташа Малинкова, Мариа од „Eye Cue“, Сара Гигова, Елена Велеска, Сузана Гавазова, Соња Трчуловска, Мелани Трчуловска, Влатко Лозаноски, Ристе Ристески, Ѓоко Танески, Елена Најдоски итн.
Од регионалните имам соработувано со: Наташа Беквалац, Теа Таировиќ, Александра Матрикс, Јелена Бачиќ Алимпиќ итн.
Каква е Наташа Беквалац за соработка?
Наташа Беквалац е синоним за ѕвезда со континуирана популарност и стабилна музичка кариера, таа е доста флексибилна за соработка и многу природна.
Што се однесува до шминката кога соработувавме се одлучивме за монохроматска шминка со топли тонови, односно „сигурен“ избор со кој никогаш нема да погрешите.
Студиото ти се наоѓа во Охрид, има ли многу клиенти, случувања? Дали некогаш си размислувала и за мејкап студио во Скопје?
Да, токму така студиото ми е во Охрид, тоа е мое катче каде се чувствувам вистински своја, има доста клиенти и нема ништо поубаво од тоа да насликаш убавина на нечие лице и за возврат да добиеш задоволство од другата страна... Тоа е вистинското чувство кое не може да се опише со зборови, може само да се доживее.
Имав многу понуди не само во Скопје, туку и надвор од државата, но Охрид за мене претставува раскошна убавина и тука сум реализирана.