Александар Илиќ, балетски кореограф: „Балетот бара жртви, Македонија има светски балерини, а МОБ ми стана втор дом“

„Да се занимаваш со класичен балет значи да ја живееш својата професија и да поднесуваш многу жртви во нејзино име. Без ноќни клубови, без слободни викенди, ако сакате да бидете меѓу најдобрите“, вели за CRNOBELO.com Александар Илиќ, некогашен прв солист во Народниот театар во Белград, а сегашен врвен балетски кореограф, кој работеше на балетот „Пепелашка“, што ќе се игра на сцената во Македонската опера и балет.

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-01.jpg

Александар Илиќ вели дека понекогаш мисли дека неговите први чекори во животот се всушност неговите први балетски движења.

Тој многу рано има покажано талент за музика и глума. Неговото прво уметничко образование го започна во музичкото училиште „Исидор Бајиќ“ во Нови Сад на одделот за соло пеење.

Така, неговите први желби биле да биде пејач, но во првата прилика побегнал за да посети еден час во балетско училиште, се вљубил во балетот и таму останал.

На сцената на Македонската опера и балет подеднакво има гостувано и како танчар и како кореограф. Вели дека работејќи како кореограф на балетот „Пепелашка“ во изминатиот период толку многу се заљубил во Македонската опера и балет што МОБ станал неговиот нов дом.

Зад себе Александар има низа награди и признанија на регионално и светско ниво.

За CRNOBELO.com Александар Илиќ открива детали за својата кариера:

Какво е чувството да се биде прв солист во Народниот театар во Белград? Колку беше тежок патот да стигнеш дотаму?

Патот беше некако стандарден за секој млад танчар, уметник, кој завршил балетско училиште.

Веќе во средното балетско училиште „Лујо Давичо“ во Белград добив покана од тогашната директорка Лидија Пилипенко за мојот прв ангажман.

Тоа беше многу одамна во 1997 година, година на тешки настани во мојата земја, но за мене можност дополнително да ги развијам моите детски соништа.

Имав среќа многу брзо да ги соберам симпатиите и на моите педагози (тренери) и на публиката, па така брзо напредував во мојата танчарска кариера.

Тој подем бараше бројни жртви, да се занимаваш со класичен балет значи да ја ЖИВЕЕШ својата професија. Без ноќни клубови, без слободни викенди, ако ви е императив да бидете меѓу најдобрите.

По играњето на Сината птица (Pas de deux) во „Заспаната убавица“, следеше мојот договор како прв солист на Балетот на Народниот театар во Белград.

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-04.jpg

Добитник си на низа награди за твојата работа како кореограф… Колку тоа ти е инспирација, се вреднува ли трудот на нашите простори?

Сè е прашање на сопствената перцепција за животот. Се трудам мојот работен ден, кој е претежно исполнет со збиен распоред, да започне позитивно, да ги убедам моите соработници и во најтешките ситуации дека можеме да најдеме решение или излез во кој ќе се чувствуваме подобро.

Убаво прашање, но јас би го одговорил пофилозофски – „Вреди да инвестираме и да се трудиме да ги поместиме сопствените граници за себе, бидејќи животот секогаш ќе нè наградува, или ќе ни покаже нов пат“.

Која е тешката страна на тоа да се биде балетан? Имаше ли повреди на стапалата или општо?

Активната професионална кариера ја завршив во 2019 година играјќи ја улогата на мојот познат Мишко во балетот „Ко то тамо пева“ од кореографката Сташа Зуровац на музика на Воки Костиќ.

Оттогаш исклучиво се занимавам со креирање кореографии, кои ги имплементирам во телата на играчите.

Класичниот балет не е за слаби, тоа е тешка женска „рударска работа“, на која мажите сè уште не ѝ се дораснати. Го опфаќа секој атом на човечкото суштество, силата, интелектот, прецизноста, музикалноста, убавината и бескрајната дисциплина.

Сум имал и добри и лоши претстави, и повреди на сцената и надвор од неа, но има едно правило, публиката не смее ништо да знае – затоа што во секој момент ШОУТО МОРА ДА СЕ ПРОДОЛЖИ!

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-03.jpg

Какво е чувството на громогласен аплауз и овации по балетската претстава? Дали тоа е клучната мотивација?

Тоа значи љубов, доверба и радост. Сепак, тоа значи дека вашиот подарок што го споделивте со непознатите луѓе кои седеа на другата страна ги допре нивните чувства. Токму од тоа доаѓа силата да продолжиме понатаму и подобро и следниот ден.

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-02.JPG

Која ти е омилена балерина од Македонија? Дали Македонија има добра балетска сцена и публика за тоа?

Ох, многу, многу непријатно прашање. Македонската опера и балет има шампионки од светска класа, кои рамо до рамо можат да настапуваат на сите познати сцени од Париз, преку Бољшој, до Лондон и Њујорк.

Ќе бидам кавалер, па ќе ѝ се поклонам на секоја балерина, бидејќи нивната напорна работа и уморните стапала заслужуваат секојдневно потсетување за нивните жртви заради уметноста.

Во Македонија живее една личност на која бескрајно ѝ се восхитувам, а тоа е Тања Вујисиќ Тодоровска, а без дополнително објаснување ќе кажам дека ми е омилена македонска балерина.

Од друга страна, неслучајно во мојата „Пепелашка“, главната вила ја игра Саша Евтимова. Таа е навистина светец-заштитник на МОБ, посветен мајстор на својот занает и следбеник на Терпсихора (во старогрчката митологија била муза заштитничка на танцот).

Чувар е не само на балетот, туку и на сите млади луѓе на кои несебично им дава совети и решенија за да одат напред. Покрај тоа што е врвна танчарка, Саша е и многу талентиран кореограф, со светла иднина пред себе.

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-07.jpg

Што е клучно за да се биде добар кореограф? Кои се твои најзначајни дела досега?

Верувајте во себе, нагласете ја вашата оригиналност, слушајте ја публиката, но не обидувајте се да ја задоволите публиката по секоја цена.

Да се биде храбар, да се ризикува, да се биде на земја и по голем успех и по мали порази.

Моите кореографии се мои деца, тешко ми е да ги сакам помалку или повеќе, но моментално како кореограф најдобро го изразив мојот кореографски јазик во претставата „Гранд Хотел“, која и минатата година гостуваше на сцената на МOБ.

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-08.jpg

Од која возраст сметаш дека децата треба да се носат на балет за да им се всади љубовта кон оваа уметност?

Нема правила, талентот мора да се препознае, но и внимателно да се негува.

На момчињата им е полесно и можат да започнат и подоцна, но околу 9-та година треба да следи систематски почеток. Тоа е многу тешко, бидејќи децата кои веќе се препознаваат себеси во балетската уметност, всушност ќе останат во овој бизнис во текот на целиот свој живот.

Потребни се стабилни родители, добри воспитувачи за да се препознаат и обликуваат овие кревки луѓе.

Исто така, мислам дека најважно во училиштата е да се создаваат идни ансамблери, а не веднаш да се прават ѕвезди од децата. Тоа ќе биде контрапродуктивно од двете страни.

Порака до оние кои не одат на балет…

Гледањето балет или изведба на современ танц е храна за душата, одлична можност да летате во некои непознати предели и со малку магија да запознаете поинаква верзија од себе.

Да гледаш балет значи да сонуваш за најубавите слики на стари мајстори, пејзажи, да се сеќаваш на својата прва љубов, а можеби и од самољубие самиот ќе почнеш да вежбаш некој танц. Никогаш не е доцна да се остварат соништата.

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-05.jpg

Што си посакуваш на поле кариера за 10 години отсега?

Имам прекрасно семејство, мал, но важен круг на пријатели, и сакам сите да бидеме радосни и задоволни од животот, сакам здравјето да ни биде добро и да се потрудиме да направиме уште нешто добро или да се напиеме добар пијалак на некоја плажа – да си кажуваме што сè уште можевме – но бевме мрзеливи (хаха).

aleksandar-ilikj-baletski-koreograf-baletot-bara-zhrtvi-a-makedonija-ima-svetski-balerini-06.png

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Симона Симионова | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Д-р Александар Каревски, ортопедски хирург: „Најчести повреди се скршеници на колк, рачен зглоб, бут... „Ликот на пациент кој не верувал дека ќе застане без болка, на млад човек кој ми...
Ивана Лескароски за тешката животна борба: „По двете загубени деца, посегнав по животот, но Бог ми г... „Моментот кога една жена наместо со бебе во рака завршува само со неговата облек...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Д-р Иво Паункоски: „Опериравме срце на 2-месечно бебе, првпат користевме 3Д модел да се подготвиме з... „Бебето е првиот пациент со комплексна вродена срцева мана во Македонија, з...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Тамара Тодевска за врската со Лука: „Внимателен е, грижлив и со многу љубов се однесува кон мене и м... „Лука е непосреден, отворен, забавен, позитивен, сака луѓе и дружење. Многу едно...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg