Д-р Александар Каревски, ортопедски хирург: „Најчести повреди се скршеници на колк, рачен зглоб, бутна коска и потколеница“

„Ликот на пациент кој не верувал дека ќе застане без болка, на млад човек кој мислел дека нема да прооди после сообраќајна несреќа е 'горивото' кое ни дава енергија да бидеме сѐ подобри“ – вели д-р Александар Каревски, ортопедски хирург во ГОБ „8-ми Септември“, за CRNOBELO.com. 

d-r-aleksandar-karevski-ortopedski-hirurg-najchesti-povredi-se-skrshenici-na-kolk-rachen-zglob-butna-koska-i-potkolenica-01.jpg

Доктор Каревски е дел од Градска општа болница „8-ми Септември“ повеќе од една деценија.

„По завршувањето на студиите на Медицинскиот факултет во Скопје, мојата желба за мануелна работа, како и желбата за брзо и дефинитивно решавање на предизвиците, ме насочија кон хирургијата како гранка“.

Во продолжение, интервјуто со д-р Каревски:

Која е вашата специјалност и на какви операции најчесто работите? Кои се најчестите повреди со кои се сретнувате во секојдневието?

Делот од ортопедијата кој подлабоко го изучувам и работам се заболувањата на зглобовите на колкот и коленото. Најчесто дегенеративните заболувања на истите како и артропластиката (вградувањето протези) на колкот и коленото.

Како дел од мојата работа е и траумата на локомоторниот систем и во нашето секојдневие влегува и третманот на скршениците и повредите, од кои најчести се скршениците на колкот, рачниот зглоб, како и на долгите коски како бутната коска и потколеницата.

Работите на артрози – зошто се случува и како може да се забави процесот на трошење на ‘рскавицата кај луѓето? Оперативно, како се решава и дали е лесно закрепнувањето? Кои се главните симптоми на артрит и колку е значајно брзо да се реагира?

Артрозите се дегенеративни болести на зглобовите кај кои доаѓа до оштетување на ‘рскавицата – ткивото кое е одговорно за безболно движење на истите без триење. Има многу причини за настанување на артрозите, но најчести се повредите на истите, значајно и константно преголемо оптоварување, како и генетските предиспозиции.

Навременото дијагностицирање остава простор за решавање со таканаречени биолошки операции, како остеотомии или пресадување на ‘рскавица, но, за жал, кога болеста ќе напредне, единственото решение е замена на зглобот со вештачки зглоб.

За среќа, оваа метода е многу напредната и е една од најуспешните процедури воопшто во целата хирургија. Пациентот се вертикализира и е на нозе следниот ден после операцијата.

Неколку дена подоцна, со помош на физикална терапија истиот се движи независно со помош на ортопедски помагало, а најголем дел, после еден до два месеци се движат без помагало и, најважно од сѐ, без болките од кои страдале претходно.

d-r-aleksandar-karevski-ortopedski-hirurg-najchesti-povredi-se-skrshenici-na-kolk-rachen-zglob-butna-koska-i-potkolenica-02.jpg

Кој е најинтересниот случај на кој сте работеле?

Како најинтересен би можел да го издвојам случајот кога за првпат користевме 3Д принтан инструментариум изработен точно за конкретниот пациент.

Тоа беше случај каде голем дел од коската беше уништен и беа потребни посебни водичи за да може да се вгради протезата.

Тогаш, во специјална програма за 3Д моделирање, изработивме специјален инструментариум кој ни овозможи прецизно и точно поставување на протезата, што би било многу проблематично со постоечките инструменти.

Раскажете ни една незаборавната реакција на пациент на која некогаш сте биле сведоци по операција...

Реакциите на пациентите се она што ни овозможува да ја работиме нашата работа и покрај предизвиците и последиците по нашето здравје, како и приватниот живот.

Ликот на пациент кој не верувал дека ќе застане без болка, на млад човек кој мислел дека нема да прооди после сообраќајна несреќа, е „горивото“ кое ни дава енергија да продолжиме и желба да бидеме сѐ подобри.

Која е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за ортопедската хирургија?

Мислам дека луѓето не се свесни за обемот кој ортопедијата како наука го опфаќа. Сите болести и повреди на локомоторниот систем, од нашето раѓање па сѐ до длабоката старост, се во нејзин домен.

Кога тука ќе ги додадете сите вродени болести, синдроми и малформации, добивате една огромна гранка која ви дава слобода да се развивате во кој правец сакате како лекар.

Кога би можеле да измислите нова алатка или технологија за револуција во ортопедската хирургија, што би било тоа?

Доколку би можел така „магично“ да создадам нешто, тоа би било лек или процедура за формирање на нова ‘рскавица.

Со тоа би елиминирале огромен број болести кои го инвалидизираат човекот и му го одземаат чувството на самостојност

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Александар Ристоски, актер: „Љубовните сцени се најтешки за снимање, еднаш се добива можност да се г... „Серијата 'Црвениот поет' е снимена во 2016 и не беше емитувана 7 години, па јас...
Александар од Радовиш е етномузиколог во Виена: „Македонско девојче е светски хит – ја знаат од Хава... „Оркестарот Александар е производ на моите музички предавања работилници и часов...
Д-р Стефан Арсенков направи прва операција со очила со виртуелна реалност: „Со гестикулација со рака... „Лапароскопијата се изведува со една камера која се внесува во телото на пациент...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg